Книги за веронаука на деца објавени на романски и германски јазик

Романската православна митрополија на Германија, Централна и Северна Европа објави наставен материјал за деца на романски и германски јазик.

Со објавувањето на првите два тома од катихетскиот проект „Добрата вест“, Митрополијата претстави нов образовен материјал за верска настава на деца. Серијата се издава со благослов на митрополитот Серафим и е наменета за парохиските училишта и православните семејства во германското говорно подрачје, соопшти Митрополијата.

Проектот, кој започна пред две години, е развиен од Одделот за катихеза и млади при Митрополијата. Негов иницијатор е свештеникот Емануел Нуцу, советник за култура на Митрополијата, заедно со проф. д-р Кристина Бенга, раководител на Одделот за религиска педагогија. Планирани се вкупно дванаесет тома на романски и германски јазик за две возрасни групи, кои ќе ја опфатат целата црковна година. Првиот том е посветен на неделите од Октоихот, од 18-та недела по Педесетница до Неделата на Закхеј.

Томовите ги поврзуваат толкувањата на неделното евангелско четиво со прашања, игри, креативни задачи и дополнителни објаснувања. Наменети се да им помогнат и на вероучителите и на родителите и бабите и дедовците во пренесувањето на верата. Според Митрополијата, делото е создадено претежно преку доброволна соработка и, благодарение на германското издание, ќе може да се користи и во други православни заедници во германското говорно подрачје.

Изданието објавено од издавачката куќа „Доксологија“, е достапно преку интернет-книжарници, верски книжарници, како и преку Одделот за култура на Митрополијата.

Извор: https://mitropolia-ro.de/au-aparut-primele-volume-apartinand-proiectului-catehetic-pentru-copii-vestea-cea-buna/