На 16 ноември 2024 година, претседателот на Одделот за надворешни црковни врски (ОНЦВ) на Московската Патријаршија, митрополитот Волоколамски Антониј, кој престојува во Србија со благослов на Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија Кирил, учествуваше во прославата по повод денот на градот Нови Сад и храмовата слава на локалната црква посветена на светиот великомаченик Георгиј Победоносец – известува интернет страницата на ОНЦВ.
Празничната Божествена литургија во Соборниот храм „Свети Георгиј“ ја предводеше Неговата Светост Патријархот Српски Порфириј. На Поглаварот на Српската Православна Црква му сослужуваа митрополитот Волоколамски Антониј, митрополитот Бачки Иринеј, епископот Мохачки Дамаскин, членовите на делегацијата на Руската Православна Црква – советникот на Патријархот Московски и на цела Русија протојерејот Николај Балашов, заменик-претседателот на ОНЦВ протојерејот Игор Јакимчук, секретарот на претседателот на ОНЦВ свештеникот Николај Васин, како и свештенослужителите на Српската Православна Црква – професорот на Богословскиот факултет во Либертвил (САД) протојерејот Милош Весин, раководителот на кабинетот на Српскиот Патријарх протојерејот Ѓорѓе Стојсављевиќ и секретарот на Бачката епархија протојерејот Владан Симиќ.
Меѓу верниците беа претседателот на Владата на Република Србија Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад Милан Ѓуриќ.
По Божествената литургија беше отслужен помен за новопочинатиот јерарх на Руската Заграничната Црква, архиепископот Чикашки и Средноамерикански Петар, како и за жртвите од неодамнешната трагедија на железничката станица во Нови Сад.
По завршувањето на богослужбата се одржа братска средба на Неговата Светост Патријархот Порфириј со делегацијата на Руската Православна Црква и премиерот на Србија М. Вучевиќ.
Потоа, во зградата на Бачката митрополија се одржа средба на митрополитот Волоколамски Антониј со Неговата Светост Патријархот Српски Порфириј. Во разговорот учествуваа митрополитот Бачки Иринеј, советникот на Патријархот Московски и на цела Русија протојерејот Николај Балашов и заменик-претседателот на ОНЦВ протојерејот Игор Јакимчук. Претседателот на ОНЦВ му пренесе братски поздрав на Поглаварот на Српската Православна Црква од Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија Кирил. Тој исто така му се заблагодари на Неговата Светост Патријархот Порфириј и преку него на сите јерарси на Српската Православна Црква за постојаната цврста поддршка на гонетата канонска Црква во Украина. Беа разгледани различни прашања поврзани со развојот на билатералните односи меѓу двете братски Православни Цркви и општоправославната проблематика.
Истиот ден беше остварен и телефонски разговор помеѓу Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија Кирил и Неговата Светост Патријархот Српски Порфириј. Патријархот Кирил го информираше соговорникот за развојот на црковниот живот во Руската Православна Црква и за предизвиците со кои се соочува во овој сложен современ период. Од своја страна, Патријархот Порфириј истакна дека српскиот православен народ постојано ја чува искрената љубов кон единоверниот руски народ, а Српската Православна Црква дава братска поддршка на Руската Православна Црква. Патријарсите си ветија взаемни молитви еден за друг.
Во разговорот учествуваа и претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија, митрополитот Волоколамски Антониј и митрополитот Бачки Иринеј.









Извор: https://mospat.ru/ru/news/92507/ и https://mospat.ru/ru/news/92513/