На 12 февруари 2025 година, попладне, започна петдневниот настан „Каравангелија“, што трета година по ред го организира Костурската Митрополија, фестивал на византиска црковна музика, кој го носи името на Костурскиот митрополит Герман Каравангелис.
Костурскиот митрополит Герман Каравангелис (1866-1935) е познат по својата борба против словенското население во Егејска Македонија за што соработувал и со турските власти, и по тоа што на својата работна маса ја поставил отсечената глава на војводата на ВМРО Лазар Поптрајков.



Овогодинешниот настан се одржа под покровителство на Министерството за внатрешни работи – Сектор „Македонија и Тракија“, во соработка со Регионалната управа на Западна Македонија (Костур) и општините Касторја (Костур) и Аргос Орестико.
Главната тема на „Каравангелија 2025“ е „Јустинијан и Костур“, бидејќи императорот Јустинијан е основач на градот Костур.
Првиот настан беше концерт на црковна византиска музика во изведба на Грчкиот византиски хор „Ликургос Ангелопулос“, кој се одржа во храмот „Свети Нектариј“ во Аргос Орестико. На концертот присуствуваа Неговото Високопреосвештенство митрополитот на Сервија и Кожани, г. Павле, кој беше гостин на митрополитот на Костур, г. Калиник, градоначалникот на Аргос Орестико, г. Панајотис Кепапцоглу, како и истакнати личности како Константинос Папаниколау, Василиос Стамбулидис, поранешниот пратеник Василиос Ѕикалајас, армиски офицери, генералниот архиерејски намесник отец Елевтериос Ситилидис, свештеници и голем број верници.
Настанот го отвори митрополитот Калиник, кој официјално го прогласи почетокот на третата Каравангелија, говореше за темата на овогодинешниот фестивал и им се заблагодари на сите кои придонесоа за неговата реализација. Посебна благодарност упати до игуменот на светогорскиот манастир Ватопед, старецот Ефрем, за финансиската поддршка на првиот настан од фестивалот.


