Кратка биографија на скороупокоениот митрополит Амфилохиј на Ганос и Хора

Големо мисионерско дело остава зад себе блаженоупокоениот митрополит на Ганос и Хора Амфилохиј, од Цариградската Патријаршија, кој помина низ краиштата на земјата за да го проповеда евангелскиот збор, поучувајќи, крштевајќи и воведувајќи нови души во Црквата Христова.

Тој се упокои во Господа на 88-годишна возраст на 14 февруари 2026 година. Ќе биде погребан на 19 февруари, во неговото родно место – на островот Родос.

Роден е во 1938 година, а школуван во богословиите на Патмос и на Халки. Таму ќе се разгори со жар за мисионерење, што потоа ќе го одведе најнапред во духовното поле на Африка. Друго лице што го одбележа неговиот свештенички пат е светиот старец од Патмос, Амфилохиј Макрис.

На 8 декември 1962 година се замонаши во храмот „Света Троица“, црквата на богословијата на Халки, и го прими името Амфилохиј во чест на својот духовен отец и новоканонизиран светител на Црквата, преподобниот Амфилохиј Патмоски. Следниот ден беше ракоположен за ѓакон, а по неколку месеци, во 1963 година, и за презвитер.

Следната 1964 година се враќа на Патмос. Исполнет со жед за Христа, научно образуван и со мисионерски дух, несебично им служи на жителите и посетителите на островот како свештеник во светите манастири и како проповедник на Патмос и околните острови. Во 1969 година, беше назначен за професор во богословијата на Патмос.

По упокојувањето на својот преподобен старец, тогашниот јеромонах Амфилохиј, одлучува да работи во областа на надворешната мисија. Неговото длабоко уверување беше дека „Црква без мисија е Црква без послание“. Така, во 1972 година ја започна својата мисионерска служба во Кенија, Танзанија и Заир.

Во време кога транспортот и комуникацијата не беа лесни, а верската нетрпеливост владееше, јеромонахот Амфилохиј самопожртвувано им служеше на епархиите што му ги довери Александриската Патријаршија. Неговото дело беше повеќестрано, и покрај тешкотиите со кои постојано се соочуваше. Организираше локални мисионерски центри, основаше нови православни заедници со домородни верници, градеше храмови и добротворни установи, а истовремено ги поттикнуваше мисионерските здруженија во Грција, кои беа помошници во неговите напори. За оваа негова многустрана дејност, тогашниот Александриски Патријарх Николај му го додели достоинството архимандрит во храмот „Благовештение“ во Лубумбаши, Заир, во 1974 година.

По оваа мисионерска работа во Источна Африка, архимандритот Амфилохиј во 1989 година се населува на Родос, каде ја насочува својата служба кон повторна евангелизација на православните. Ова подразбира организирана и систематска едукација на веќе крстените христијани, за да бидат поучени „од почеток и правилно во темелните елементи на христијанскиот живот“. За пренесување на евангелската порака преку современите средства за комуникација, го основа телевизискиот канал „Тари“.

Во 2005 година Митрополитот Родоски го предложи за свој викарен епископ. Синодот на Цариградската Патријаршија го избра за Епископ Еритрски и во истата година беше ракоположен. Набргу потоа беше избран за Митрополит на Нов Зеланд и цела Океанија. Иако имаше шеесет и седум години, тој ја прифати оваа служба и со младешки дух го започна следниот голем период во својата богата мисионерска патека.

Како Митрополит на Нов Зеланд ги постави темелите за развој на новата помесна Црква. Основаше мисии во островските држави Фиџи, Тонга и Самоа, кои редовно ги посетуваше, дури и во неповолни временски услови и со примитивни средства. Во Митрополијата на Нов Зеланд изгради нови храмови, како храмот „Света Троица“, на „Свети Атанасиј“ и „Свети Никола“, го основа сиропиталиштето „Света Тавита“, дом за незаштитени жени, духовни центри, старечки домови и училишта. Исто така ги изгради и манастирите „Успение на Пресвета Богородица“ и „Свети Архангели“.

Крштеваше атеисти и инославни, ракополагаше домородни клирици и замонашуваше монаси и монахињи, а не се двоумеше храбро да се спротивстави на заблудите на еретиците. Постојано нагласуваше дека „Мисијата не е дело на световна мудрост, туку на вера што дејствува преку љубовта“. Во друго свое слово ја истакнуваше потребата од создавање помесни цркви со домородни свештеници. Така нагласуваше дека „локалните жители ја живеат вистинската човечност на животот и живеат како што сака Бог, без да им се спротивставуваат на Неговите закони“.

Во 2018 година, по тринаесет години мисионерска и пастирска грижа, поднесе оставка. Веднаш потоа, Синодот на Цариградската Патријаршија го постави за Митрополит на Ганос и Хора (во Турција).

Извор: https://www.pemptousia.gr/2026/02/mitropolitis-ganou-kai-choras-amfilochios-tsoukos-i-en-christo-martyria-tou-apo-ta-dodekanisa-stis-eschaties-tis-gis/