Крштение на 182 возрасни и деца во Источна Танзанија

На 7 февруари 2026 година, во Мисионерскиот центар во Морогоро, во Источна Танзанија, со благослов на Неговата Светост, Папата и Патријарх на Александрија и на цела Африка г.г. Теодор II, како и секоја година во овој период во последните 22 години, беа извршени 182 крштенија на новопросветени од Источна Танзанија – известува грчкиот црковен портал „Ромфеа“.

182-та домородци го примија светото Крштение од Неговото Високопреосвештенство г. Димитриј (вкупно од 2004 година досега повеќе од 60.000 новопросветени) и станаа членови на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.

Тие пристапија откако поминаа систематска катехизација од страна на домородниот архијерејски намесник, протојереј Клеопа Бачуба, како и од шестемина свештеници од регионот.

Радоста на новопросветените, меѓу кои беа и 155 поранешни муслимани, беше навистина трогателна, тие на својот африкански начин ја прославија својата вклученост во Православното семејство на Мисионерската Митрополија на Иренопол.

Потоа следеше „Трпеза на љубовта“ за сите новопросветени, приредена како дар од верници од Солун.

Извор: https://www.romfea.gr/patriarxeia-ts/patriarxeio-alexandreias/74780-baptisi-182-neofotiston-morogoro