На 18 јуни 2024 година, во Центарот за православна култура во Варшава, заврши првата година од курсот по црковнословенски јазик. Часовите се одржуваа во учебната 2023/2024, со благослов на Митрополитот Варшавски и на цела Полска Сава. Курсот го водеше игумен Пантелејмон Карчевски.
Во тек на годината, во вторниците, Центарот (кој е во склоп на Варшавската библиотека) ги примаше сите кои сакаат да го изучат и да го откријат богатството на црковнословенскиот јазик. Меѓу заинтересираните имаше возрасни, младинци и деца. Часовите се одржуваа бесплатно во две групи – основна и средна, во зависност од степенот на познавање на јазикот (иако имаше ентузијасти, кои ги посетуваа и двете групи).
За време на првите средби, учесниците имаа можност да ја научат азбуката, а исто така да ги проанализираат познатите молитвени правила и фрагменти од црковни текстови. Во рамките на понатамошните часови, секој ученик можеше да ја развива вештината на читање и да ги разбира текстовите, кои се актуелни во конкретниот период од литургиската година. Предавачот, во лесна и разбирлива форма ги претставуваше елементите за познавање на граматиката и на лексиката на црковнословенскиот јазик. Имаше разни анегдоти, кои се однесуваа на историјата на јазикот. Исто така, имаше време и за сериозни размислувања и за богословски забелешки.
Курсот, кој започна да се одржува во октомври 2023 година, заврши со служење молебен во академскиот храм „Св. Кирил и Методиј“ во Центарот за православна култура. Молебенот го отслужи директорот на Центарот, отец Андреј Левчак. Тој го пренесе поздравот од Митрополитот Сава и му заблагодари на предавачот за иницијативата и за трудот, а исто така им честиташе на учениците за упорноста во стекнувањето знаење. Игуменот Пантелејмон обрна внимание на фактот што часовите се одржуваа во библиотеката, која се наоѓа непосредно до храмот, посветен на светите Кирил и Методиј – апостоли на Словените. Тој им се заблагодари на учениците за трпението и за пријатно поминатото време.
Учениците нагласија дека, благодарение на часовите, ќе можат да ги откријат огромните богатства од практичното познавање на јазикот и од православното богословие. Тие изразија надеж дека во новата учебна година ќе можат повторно да се соберат во истата група, а можеби таа и да се прошири со нови ученици.
Црковнословенскиот јазик бил оформен врз основа на јужнословенскиот дијалект, кои произлегол од Солун во 9 век. Неговата прва азбука (глаголица) била изработена од светите браќа Кирил и Методиј, а следната азбука (кирилица) – од нивните ученици. Светителите извршувале мисија во словенските земји. Оттогаш црковнословенскиот јазик станал јазик на богослужението и на молитвата, кој ги соединува словенските земји. Неговата богата граматика и синтакса (во голема мера слични на старогрчкиот), овозможуваат правилно изразување на богословските мисли. Црковнословенскиот јазик е особено поврзан со полските земји. Првиот, светски познат, ракопис на црковнословенски јазик долги години се чувал во манастирот во Супрасл. Станува збор за Супраслскиот кодекс, кој е внесен во списокот на светско наследство на УНЕСКО. Минатата година беше одбележана неговата 1000-годишнина. Со Полска е тесно поврзано и печатењето книги на црковнословенски јазик. Кириличните инкунабули (најстари печатени книги) се изработувале во Краков, во првата во светот кирилична печатница (1491 г.). Таа била основана по иницијатива на православните дворјани при кралот Казимир IV Јагелончик. Во денешно време, црковнословенскиот јазик е жив молитвен јазик на Православната Црква и е предмет на многубројни истражувања во многу светски научни центри.
Извор: https://www.orthodox.pl/warszawa-zakonczenie-zajec-z-jezyka-cerkiewnoslowianskiego/