Леринскиот митрополит гледа иредентизам во македонските песни и бара државна интервенција

Неодамнешните празнувања со македонски песни и ора во регионот на Лерин предизвикаа остра реакција на митрополитот на Флорина (Лерин), Преспа и Еордеја, Иринеј. Тој во интервју за грчкиот весник „Православна вистина“, упати строги пораки, обвинувајќи ги организаторите и учесниците за ширење иредентизам и внесување поделби.

Митрополитот Иринеј смета дека овие културни манифестации се користат за испраќање пораки кои, според неговото видување, ја искривуваат „историската вистина“ за регионот. Иако вели дека не може без докази да зборува за организиран план, сепак предупредува, дека „повторувањето на истите пораки на сличен начин и во различни прилики, веќе не може да биде третирано едноставно како безопасни или случајни инциденти“.

Тој открива дека дал строги инструкции до свештениците во неговата епархија да не дозволат нивното присуство да се сфати како легитимирање на, како што ги нарекува, „неисториски и раздорни пораки“. Митрополитот особено нагласува дека таквите настани во кои се негува македонскиот фолклор не смеат да се одржуваат во дворовите на црквите, бидејќи, според него, тоа би создало впечаток дека Црквата ги одобрува.

Митрополитот Иринеј, исто така, повикува на поширока државна акција. Тој смета дека товарот за зачувување на „националното единство“ во овој пограничен регион не смее да биде само врз Црквата. Според него, грчката држава, локалната власт и институциите мора да преземат поголема одговорност и да не бидат индиферентни кон таквите културни елементи кои спроведуваат „злонамерна реторика“ и „служат на скриени агенди“.

Извор: https://orthodoxtimes.com/metropolitan-of-florina-the-church-does-not-remain-silent-when-historical-truth-is-falsified/