Свештеници и верници од Архиепископијата на Букурешт, заедно со поклоници од целата земја, учествуваа во литијата „Патот на Светителите“ низ улиците на Романската престолнина, во четврток, 24 октомври годинава, како дел од прославата на свети Димитриј Нови.
По процесијата, кипарската делегација, која ги донесе моштите на свети Лазар, пријателот Господов – еден од луѓето воскреснати од Исус Христос – беше пречекана на Патријаршискиот Рид.
„Ова е моќен симбол на победата над смртта и на безграничната Божја љубов кон човештвото“, рече Неговото Блаженство Патријархот Романски г.г. Даниел при пречекот на Свети Лазар на надворешниот олтар на Патријаршиската Катедрала.
Архиепископот Георгиј Кипарски присуствуваше на настанот, правејќи ја својата прва официјална посета на Романија како поглавар на Кипарската Црква. Кипарската делегација исто така го вклучува и Митрополитот Нектариј од Китион.
„Дојдовме да го примиме благословот на романските светители: светиот Андреј Првоповикан, свети Димитриј Нови – Заштитникот на Букурешт, света Параскева и свети Јован Јаков Новиот Хозевит“ – рече Неговото Блаженство Архиепископот Георгиј, кој ќе сослужува на Божествената Литургија со Патријархот Даниел во недела, за време на прославувањето на свети Димитриј Нови.
Поклонението започна во неделата наутро, и илјадници верници веќе поминаа покрај кивотот на свети Димитриј. Се очекува бројот на поклоници да се зголеми со пристигнувањето на моштите на свети Лазар.




















