Во вторник, 5 ноември, во варшавската црква „Св. Марија Магдалена”, по дваесет и седми пат, беше отслужена света Литургија според чинот кој му се припишува на светиот Јаков, првиот епископ на Ерусалим. Се смета за еден од најстарите познати чинови на светата Литургија. Се карактеризира со проширен дел на литургијата на катихумените: две читања од Новиот Завет (евангелска перикопа од Евангелието според апостол Матеј и извадок од Посланието на св. Јаков) и едно од Стариот Завет (книгата на пророкот Исаија), како и значително подолг евхаристиски канон крунисан со света Евхаристија, за време на која Телото и Крвта на Спасителот им се предаваат на верните одделно (Телото од раката на епископот, Крвта директно од путирот преку ѓаконот). Дополнително, проповедта се изговара во средината на храмот, во седечка положба, од страна на епископот опкружен со верни и свештенослужители.
Годинешната света Литургија собра многубројни верници, вклучувајќи и студенти од Православната духовна семинарија и Христијанската теолошка академија, од кои повеќе од половина пристапија кон света Евхаристија. На светата Литургија началствуваше Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Вроцлавски и Шчеќински г. Георгиј, ректор на академијата. Професорскиот состав на академијата беше иницијатор и останува коорганизатор на светата Литургија. На архиерејот му сослужуваше свештенството од академијата, предводено од ректорот на Православната духовна семинарија, протојерејот Георгиј Тофилук. Пееше машкиот хор под раководство на проф. Владимир Волосјук.
Меѓу молитвениците, покрај парохјаните на храмот „Св. Марија Магдалена”, беа и студенти од Теолошкиот факултет на Универзитетот во Прешов (Словачка), кои специјално дојдоа во Варшава за да учествуваат во светата Литургија. Сите внимателно ја слушнаа проповедта изговорена од Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Георгиј, кој се осврна на јаковското разбирање на мудроста. Архиерејот нагласи дека мудроста не се состои во начитаност и образование. Тие го определуваат само „обликот” на човекот, неговиот светоглед и односи кон актуелните проблеми. Тие немаат морална обоеност. Образованиот човек успешно може да прави и добро и зло. Мудроста е внатрешна состојба. Не се состои во проповедање на вистината со збор, туку во живеење согласно нејзината содржина. Мудриот човек постапува правилно, ги учи другите со пример, не зборува како другите треба да живеат, туку живее така како што би сакал да живеат другите. Неговото Високопреосвештенство забележа дека оној кој знае како треба да се живее, но не се труди тоа да го прави, е на пример Сатаната. Искушувајќи, во „морето” на лагата секогаш додава чаша вистина за да го заведе човекот. На пример, сакајќи да наведе на разврат, потсетува дека љубовта доаѓа од Бога, па затоа не може да биде лоша. Укажува на библискиот стих кој гласи: „Бог е љубов“ (1Јн 4, 8). Наведува на заклучок дека љубовта оправдува сѐ, секое однесување. „Љуби и прави што сакаш“. Иако „Бог е љубов“ тоа не значи дека „љубовта е Бог“. Затоа не го оправдува гревот и падот. Само љубовта соединета со Бога води кон добро. Одделена од Него се преобразува во погубен егоизам и самоволие.
Слични размислувања во однос на животот на современиот човек во проповедта на Архиепископот Георгиј имаше многу повеќе.
По речиси два часа, кога стивнаа последните зборови на молитвата, Неговото Високопреосвештенство им се заблагодари на сите кои придонесоа за организирање на годинешната света Литургија на светиот апостол Јаков.
Извор: https://www.orthodox.pl/liturgia-sw-jakuba-brata-panskiego-w-warszawie/