Локална канонизација на свети Софијан од Антим во Романската Патријаршија

Локалната објава на канонизацијата на свети Софијан се одржа во вторник во манастирот Антим во Букурешт, Романија. По тој повод, беше отслужена Божествена Литургија на надворешен олтар поставен во дворот на манастирот.

Богослужеа архијереите на Романската Православна Црква: архиепископот Касијан на Долниот Дунав, епископот Венјамин од Јужна Бесарабија, викарните епископи на Романскиот Патријарх: Варлаам од Плоешти и Паисиј од Синаја, и Тимотеј од Прахова, заедно со архијереите на Антиохиската Патријаршија: митрополитот Силуан на Библос, Ботри и околината и епископот Каис од Ерзурум.

Објава на канонизацијата на свети Софијан

Свечената локалната објава на канонизацијата на свети Софијан од Антим се одржа по завршувањето на Божествената Литургија. Синодскиот Томос го прочита архиепископот Касијан, по што беше испеан тропарот на светецот. Во документот беа наведени неколку аспекти од животот на свети Софијан, вклучително и неговото учество на средбите на „Несогорливата капина“.

„Свети Софијан, во овој период, ја стекна праксата на умно-срдечната молитва, под раководство на отец Јован Куљигин, човек на свет живот кој бил оформен во исихастичката традиција на свети Паисиј во Манастирот Оптина.“

Порака од Романскиот Патријарх

Патријархот Даниил испрати порака по повод локалната канонизација на свети Софијан од Антим, во која, помеѓу останатото истакна:

„Во 20 век, Бог му дарува на романскиот народ големи духовни светила кои го зајакнаа народот во верата преку своите молитви, дела и поуки. Меѓу тие големи подвижници е и свети Софијан Исповедник од Антим, кој блескаше во романската престолнина преку својата љубов и кротост“.

„Во неговиот свет живот можеме да видиме три главни дела што го откриваат неговиот духовен повик: тој беше исповедник на верата под атеистичкиот режим, исихаст, духовен отец и црковен иконописец.“

„Апостолот на Букурешт“

Архиепископот Касијан рече дека локалната канонизација на свети Софијан од Антим претставува празник на „Апостолот на Букурешт“, како што бил нарекуван светецот.

„Тој беше исповедник кој никогаш не осуди никого, кој ги сакаше дури и своите мачители, и кој жалеше што ја напушти затворската колонија во Балта Брајлеј, велејќи дека го изгубил таму стекнатото внатрешно тихување.“

Архиепископот се присети на момент кога свети Софијан го поттикнал најпрво самиот да го прими Христовото тихување, а потоа да му го пренесува тоа тихување на народот.

На верниците им беа претставени светите мошти и иконата на свети Софијан.

Краток животопис

Свети Софијан (со световно име Сергеј Богју) е роден на 7 октомври 1912 година во Куконешти Веки, округ Балти, а се упокои на 14 септември 2002 година во манастирот Антим во Букурешт.

Во 1926 година, на возраст од 14 години, дојде во манастирот Ругхи во округот Сорока. Подоцна учеше во пејачкото училиште на манастирот Добруша, во монашкиот семинариум на манастирот Черника (1932–1940), на Академијата за ликовни уметности во Букурешт (1940–1945), и на Богословскиот факултет во Букурешт (1942–1946).

Тој беше замонашен во манастирот Добруша во 1937 година под името Софијан, ракоположен за јероѓакон во 1939, а за јеромонах во 1945 година за манастирот Антим во Букурешт, каде што служеше како игумен меѓу 1950 и 1955 година, и повторно во последните години од својот живот.

Во 1958 година беше уапсен заедно со групата „Несогорлива капина“ и осуден на 15 години затвор, а беше ослободен во 1964 година. Се упокои во 2002 година и беше погребан во манастирот Калдарушани.

Канонизација

Светиот Синод на Романската Православна Црква го приброја свети Софијан во ликот на светителите во 2024 година, определувајќи неговиот спомен да се празнува на 16 септември, заедно со уште петнаесет исповедници од 20 век. Општата објава на нивната канонизација се одржа на 4 февруари во Патријаршиската Катедрала во Букурешт, за време на прославите на стогодишнината на Романската Патријаршија.

Свети Софијан од Антим е првиот православен светец канонизиран кој живеел во 21 век – известува интернет страницата на Романската Патријаршија.

Извор: https://basilica.ro/en/local-canonization-of-saint-sofian-of-antim/