На 30 јули 2025 година, Македонците во областа Мала Преспа го одбележаа патронот на познатиот манастир „Света Марина“ во селото Туминец. По повод денешниот празник посветен на Светата великомаченица Марина – Огнена Марија, по традиција во Туминец од синоќа а посебно денеска освен жители од селата на Преспа, беа и од подрачјето на Корча.
За овој празник тука секогаш се и поголемиот број од поранешните жители и нивните потомци, кои сега живеат во други градови во Албанија, во Македонја и Грција.
Одбележувањето почна од синоќа кога во дворот на манастирот до доцна во ноќта се виеше македонско оро и се пееја македонски песни а по денешната Богослужба што ја одржаа свештениците Алексо Темелко и Ропи Арѓири и двајцата Македонци од Преспа, верниците продолжија со одбележувањето.
Овој предел е под јурисдикција на Албанската Црква, но според договорот меѓу Митрополитот Преспанско-пелагониски Петар и тогашниот Митрополит на Корча (а сега Архиепископ Албански) Јован во 90-те години, црковните општини каде живее доминантно македонско население се раководат според јулијанскиот (стар) календар, додека Православната Црква на Албанија го следи новиот (грегоријански) календар.
Инаку, селото Туминец е едно од десетте населени места во Преспа. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење – Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители. Во овој манастир се наоѓаат поголем дел од моштите на светицата каде се уште се случуваат чуда над нејзините мошти.




