Манастир Дохијар: „Нашата совест не поднесува да го пречекуваме со биење на камбани оној што ги разурна темелите на семејството“

Светогорскиот манастир Дохијар објави своја изјава во врска со неодамнешната посета на премиерот на Грција на Света Гора, објаснувајќи ги причините поради кои манастирот одбил да учествува во неговиот пречек во Атонската Држава.

Оваа посета предизвика соблазни и поделби помеѓу верниците во Грција, поради тоа што по неодамна донесените законски измени кои дозволуваат брак на истополови двојки и им дозволува да посвојуваат деца, Црквата изјави дека нема да ги пречекува државните великодостојници со почести. Затоа, кога на почетокот на овој месец грчкиот премиер ја посети Света Гора, половина од манастирите одбија да му укажат гостопримство, а оние кои го примија беа изложени на критика.

Во продолжение е изјавата од манастирот Дохијар, како што ја пренесуваат грчките црковни медиуми.


„Ние не спиеме. Бдееме, се молиме и се застапуваме… Кажете и пишувајте што сакате. Ние тука ќе останеме; секојдневно ќе ја служиме Божествената Литургија, со свои раце ќе ги обработуваме градините на Света Гора од рано утро до доцна навечер и ќе се грижиме за цвеќињата што растат по карпите и бездните, да не бидат нагазени од скверни раце.“

Овие зборови на нашиот блажен отец Григориј целосно нè изразуваат и со нив ќе им одговориме на обвинувањата од нашите браќа за наводни пречекорувања или прекршувања на неделните евангелски зборови.

Ангелскиот начин на живот и нашето монашко звање нè повикуваат не на врева, туку на плач, не на самореклама, туку во тишина да се молиме.

Затоа продолжуваме по нашиот монашки пат, со смирение служејќи им на безбројните поклоници, тешејќи го очајниот народ, повикувајќи на вистинско покајание и враќање.

Сепак, бидејќи многу наши браќа почувствуваа огорченост, револт, болка и беа соблазнети од случувањата при неодамнешната посета на грчкиот премиер на Света Гора, а се прашуваа зошто не ја покажавме нашата реакција преку соопштенија и изјави, решивме едноставно и смирено да го изложиме нашиот став.

Се разбира, во мерата во која е дозволено, бидејќи не сметаме дека е мудро она што е „во домот“ да се изнесува „на плоштад“. Светото Евангелие на нашиот Господ Исус Христос е правило на живот за сите свесни христијани, мирјани и монаси. И ние се трудиме да Му бидеме послушни и да ги држиме Неговите заповеди.

Дополнително, нè водат и зборовите и примерите на светите Отци и учители. „Следејќи ги нивните зборови и примери“ и послушни на нашата монашка совест, го направивме она што го направивме „пред Бога како сведок“.

Најнапред ја изразивме нашата несогласност и на крај одбивме да учествуваме и во црковниот и во општиот пречек на премиерот. Не сме ниту опозиција, ниту ја негираме институционалната власт на грчката држава над самоуправниот Атонски Полуостров.

Но, нашата црковна совест не дозволува да го пречекуваме со свечено биење на камбани оној што со законски мерки ги разурна темелите на христијанската антропологија и семејството, да му го ставаме Светото Евангелие напред на оној што практично ги поби евангелските вистини со различни неприфатливи одлуки, да го величаме како „богобојазлив“ оној што дозволи и продолжува да дозволува сквернавење на божествените ликови на Христос, Богородица и Неговите Светии, изложувајќи и поддржувајќи одвратни и богохулни дела во Националната галерија.

Ако навистина сакавме да го пречекаме, нашиот став требаше да биде како оној на светиот Јован Крстител – укорувачки, но и повикувачки кон покајание. Оваа посета, всушност, покажа намера за инструментализација на Атонската држава, а не вистинска поклоничка побожност, како што покажа и „скверната“ објава за програмата од 100 милиони евра во најсветиот храм на Протатон.

Програма која воопшто не се однесува на исхраната на монасите на Атос, туку на одржување и унапредување на зградите и инфраструктурата – и не е личен подарок од било кој премиер, туку должност на грчката држава кон овој уникатен споменик на верата и нашиот народ.

Сепак, за да не станеме причина за соблазна дури и на една проста душа, изјавивме дека нема да учествуваме во најавената финансиска поддршка.

Ние живееме на оваа Света Гора и цврсто веруваме дека овој свет простор е избрано наследство на Богородица, нејзин сопствен дел.

И ветувањето што ѝ го дала на еден од првите жители – дека секогаш ќе се бори за нас против древниот непријател – тоа е што ни го разгорува ревноста, ни ги крева надежите и нè задржува на ова свето место; не парите, не донациите!

Затоа, вие што ги почитувате монасите и го цените нивното место на подвиг, молете се кон Господ да можеме да ја распознаваме, познаваме и исполнуваме Неговата добра и совршена волја.

Извор: https://orthodoxia.info/news/moni-docheiarioy-syneidisi-mas-a/