Манастир Синај и државата Египет: Архиепископот Симеон изразува надеж, но и огорченост

Продолжуваат разговорите и случувањата поврзани со историскиот манастир „Света Екатерина“ на Синајската Гора. Иако помина повеќе од една година од одлуката на Апелациониот суд во Исмаилија за сопственичкиот статус и имотот на манастирот, сè уште не е постигнат договор со египетската држава – известува грчкиот црковен портал „Ортодоксија“.

Информациите што се појавија во јавноста за можен договор меѓу манастирот Синај и египетските власти во наредниот период предизвикаа остра реакција кај поранешниот архиепископ Синајски Дамјан, кој преку писмо до архиепископот Симеон и монасите во манастирот побара објаснување за нивните понатамошни чекори. Тој изрази стравување дека постои опасност манастирот да ги изгуби своите суверени права.

Ова писмо предизвика горчина кај актуелниот архиепископ Синајски Симеон. Во изјава за грчкиот медиум „Параполитика“ тој рече дека верува оти наскоро ќе има позитивен развој на настаните.

„Да, се надевам дека до крајот на летото ќе има развој, бидејќи постои временски рок“, изјави архиепископот. Тој додаде дека во изминатиот период, откако ја презел игуменската служба, се вложуваат напори за градење доверба со египетската страна.

„Не ви зборувам со целосен оптимизам. Но не ви зборувам ниту со песимизам. Ви зборувам со надеж, затоа што ја живеам оваа состојба. И, се разбира, не сум сам. Не сме сами“, рече архиепископот.

Тој нагласи дека веќе со месеци се работи на создавање атмосфера на доверба со државата во која живее братството.

„Со месеци се обидуваме да изградиме клима на доверба со земјата во која живееме. А некои, наводно во име на манастирот, продолжуваат јавно да настапуваат против Египет. Со должна почит, како државјанин, треба упорно и трпеливо да бараш решение. Во блиска иднина ќе слушнете нешто и ќе видите дека не сме толку пасивни како што некои мислат“, истакна тој.

Во меѓувреме, египетските власти сè уште не го признале официјално архиепископот Симеон со државен указ, ниту му доделиле египетско државјанство. Ова отвори прашања како би можел да биде потпишан договор со египетската држава кога поглаварот на Синајското братство сè уште не е египетски државјанин.

Архиепископот Симеон ги критикуваше и написите во дел од медиумите, кои, според него, се обидуваат како „успех“ да претстават договор што, доколку навистина е таков каков што се опишува, всушност би претставувал „целосен неуспех и опасно поткопување на иднината на манастирот“.

„Имам чувство дека некои насетуваат дека можеби ќе стигнеме до решение и затоа, од свои причини, ја создаваат оваа атмосфера. Искрено, не знам дали некој од оние што ги поттикнуваат овие објави навистина го сака Манастирот“, изјави тој.

Од грчкото Министерство за надворешни работи и Министерството за образование засега нема официјални изјави за текот на преговорите. Според извори на „Ортодоксија“, тоа не е знак на молчење или незаинтересираност, туку дел од договорената практика најнапред разговорите да се водат меѓу двете директно засегнати страни – манастирот Синај и државата Египет.

Прашањето за манастирот Синај останува високо на агендата на билатералните односи меѓу Грција и Египет. Како што истакна и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис при востоличувањето на архиепископот Симеон на 31 октомври 2025 година, конечната одлука за евентуалниот договор ќе ја има Синајското братство.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/ieres-mones/moni-sina-mexri-telous-kalokairiou-tha-yparksoun-ekselikseis-gia-symfonia-me-tin-aigypto-o-arxiepiskopos-symeon-ekfrazei-elpida-alla-kai-pikria/