Манастирот „Св. Екатерина“ на Синај во опасност

Една од најголемите и најсериозни повреди на верските и индивидуалните слободи во последните векови се случува во овој момент во Египет, и тоа во време на мир – известува грчкиот црковен портал „Ортодоксиа инфо“.

Според информациите на овој портал, манастирот „Св. Екатерина“ на Синај, заедно со сите негови недвижнини во Египет, преминуваат во рацете на египетската држава. Речиси петнаесет века по неговото основање од страна на византискиот император Јустинијан, и откако преживеал безброј историски премрежија, светски познатиот и почитуван манастир се соочува со трансформација во музеј.

Во продолжение го пренесуваме остатокот од објавата на „Ортодоксиа инфо“.

И покрај ветувањата на египетскиот претседател Сиси до грчкиот премиер Мицотакис, Египет ја конфискува сопственоста на манастирот и суштински ги иселува монасите, за празните згради да се претворат во туристичка атракција, слична на пирамидите.

Судска одлука

Одлуката што вчера ја донесе египетски суд го става крајот, на најлош можен начин, на долгогодишниот правен прогон што монасите од „Св. Екатерина“ го трпат од египетската држава. Уште од времето на „Муслиманското братство“, преку судски притисоци се настојува да се затвори овој најстар манастир во светот.

Сега сопственоста на манастирот и сите негови имоти преминуваат во државна сопственост. Монасите се повикани да напуштат одредени недвижнини до кои веќе немаат пристап, и остануваат во манастирот само за да ги вршат богослужбите – сè додека тоа го дозволува новиот „сопственик“, египетската држава.

Грчка поддршка

За да се засили борбата на монасите, грчката влада обезбеди значајна поддршка, а премиерот Киријакос Мицотакис лично го покрена прашањето на највисоко ниво, барајќи од претседателот Сиси да интервенира во корист на монасите.

Дури и за време на официјалната посета на претседателот на Египет во Атина на почетокот на мај, ова прашање било дискутирано од делегациите, кои се согласиле да се прекинат неправедните судски напади врз манастирот за да може тој непречено да продолжи со своето постоење. Во заедничките мзјави на Мицотакис и Сиси било јасно нагласено дека треба да се зачува карактерот на Манастирот.

И додека се чинеше дека Египет ќе ја исправи неправдата – како што впрочем ветуваше и претседателот – вчерашната судска одлука сè преврте наопаку и постави сериозни прашања за вистинските намери на египетските власти, кои продолжуваат по стапките на екстремистите од „Муслиманското братство“.

Изјави од официјални лица од Египет

И додека во манастирот владее страв и неизвесност за тоа што следува, египетски археолози, како д-р Абдел Рахим Рихан – специјалист за археологија и член на Комитетот за историја и антиквитети при Врховниот совет за култура на Египет – тврдат дека имотите што ги конфискувала државата потпаѓаат под закони за заштита на културното наследство, и дека оваа одлука била „во корист на манастирот“.

„Сметаме дека оваа одлука е историска и во корист на светското наследство, но и на монасите на манастирот ’Св. Екатерина’, бидејќи го гарантира нивното право да имаат корист од манастирот и од верските и археолошки локации во областа“, изјави тој за локален медиум.

Сепак, монасите, кои не сметаат дека оваа одлука е во нивна корист, се подготвуваат за глобална мобилизација и информирање на сите христијански Цркви, како и на останатите монотеистички религии, бидејќи веруваат дека оваа постапка на египетската држава е најлошото нешто што ѝ се случило на монашката заедница во изминатите 15 века – бидејќи, во суштина, тоа значи нејзино укинување.

Засега, грчката влада сè уште официјално не реагирала.

Извор: https://orthodoxia.info/news/apokleistiko-aigyptos-kleinei-ti-mo/