Маронитскиот патријарх Антиохиски и на целиот Исток, кардиналот Бехара Бутрос Раји, на 17 октомври 2026 година оствари средба со архиепископот Атински и на цела Грција Јероним, во седиштето на Атинската архиепископија.
За време на разговорот, архиепископот изрази чувства на љубов и солидарност кон народот на Либан и народите на поширокиот Блиски Исток, нагласувајќи го вековното присуство и придонесот на христијанските заедници во историјата и културата на регионот.
„Христијаните на Истокот не се туѓинци во општествата во кои живеат, ниту, пак, привремени гости во своите прадедовски огништа. Тие се составен дел од историјата, културата и колективната меморија на своите народи“, истакна архиепископот.
Истовремено, тој нагласи дека „Црквата на Грција со братска заинтересираност ги следи овие напори и ја препознава посебната улога што ја има Ваше Блаженство во поддршката на народот на Либан и во истакнувањето на потребата од зачувување на општествената кохезија и мирниот соживот“.
Од своја страна, Маронитскиот патријарх му се заблагодари на архиепископот за топлите зборови, истакнувајќи дека тие го одразуваат неговото длабоко познавање на искушенијата со кои се соочува Либан, како и неговите искрени чувства на поддршка и солидарност.
„Ни давате храброст за нашата мисија на Блискиот Исток“, рече тој, посочувајќи дека „суштината на односите меѓу христијаните е љубовта“. Притоа додаде дека овие пораки не се упатени исклучиво до Црквата во Либан, туку се однесуваат на целиот Блиски Исток.
На крајот од средбата, поглаварот на Црквата на Грција упати порака за мир и христијанско единство, нагласувајќи дека „сите оружја стануваат безначајни пред љубовта на христијаните“.
Маронитскиот патријарх беше придружуван од амбасадорот на Либан во Грција, г. Кенџ Ел Хаџал, претставници на либанската амбасада, како и претставници на Маронитската црква.

Маронитската црква е една од источните католички цркви, која е во целосно црковно општење со Римокатоличката црква, но ги зачувала сопствената источна литургиска традиција, сириското богослужбено наследство и посебната црковна хиерархија. Нејзиното историско средиште е во Либан, а нејзините верници живеат и во Сирија, Кипар, Светата Земја и во многубројни заедници во дијаспората.
Извор: https://www.ecclesiagreece.gr/epikairotita/main_epikairotita_next.php?id=4066
