Научници, архијереи и мисионери од целиот свет се собраа во колеџот на Чесниот Крст во Бостон, Масчусетс, САД, од 2 до 4 март 2026 година, на меѓународна конференција посветена на животот и наследството на Албанскиот Архиепископ Анастасиј. Настанот беше организиран од екуменскиот институт „Хафингтон“ на колеџот на Чесниот Крст и „Мисионерскиот институт за православно христијанство“, и претстави портрет на човек чија духовна величина беше придружена со длабоко лично смирение.
Конференцијата започна со Вечерна богослужба во капелата на Чесниот Крст во колеџот, по што следуваше прием во културниот центар „Малиотис“. Во воведната сесија беше упатено поздравно слово од Американскиот Архиепископ г. Елпидофор од Цариградската Патријаршија, а главното предавање го одржа Архиепископот на Тирана, Драч и цела Албанија г.г. Јован.
Утрото на 3 март беше посветено на неговата архипастирска служба. Поранешниот Американски Архиепископ Димитриј (од Цариградската Патријаршија) се повика на осумте децении пријателство, присетувајќи се како младиот Анастасиј бил длабоко трогнат од Христовата молитва за единство во 17-та глава од Евангелието според Јован. „Тој рече: ‘Сега гледам повик за мојот живот — повик да започнам дело и да го поттикнам единството меѓу верните’“ – раскажа архиепископот Димитриј.
Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Елдорет и Северна Кенија г. Неофит (од Цариградската Патријаршија) зборуваше за периодот кога Анастасиј бил вршител на должност архиепископ во Кенија, Уганда и Танзанија. „Тој веруваше дека Црквата мора да стане локална: африканска по израз, православна по вера“, рече митрополитот. „Неговата визија ја поттикнуваше употребата на локалните јазици во богослужбата, создавање домородно свештенство и епископи, како и автентично африканско културно изразување во рамките на апостолското предание“, додаде митрополитот Неофит. „Таквата рамнотежа спречуваше зависност, а истовремено ја зачувуваше богословската автентичност, мисионерското ширење и пастирското наследство.“
Потоа следуваа сесии посветени на делото на Архиепископ Анастасиј како теолог, мисионер и просветител.
Еден од врвовите на конференцијата се случи вечерта на 3 март. Отец Лука Веронис, директор на Мисионерскиот институт на колеџот, сподели размислување засновано на годините служба покрај Архиепископ Анастасиј во Кенија и Албанија. Опишувајќи го неговиот дух, тој се присети на една поука што Архиепископот еднаш му ја споделил:
„Научив да се приспособувам каде и да сум и со кого и да се сретнам. Никогаш не се чувствувам повисок од никого. Никогаш не се чувствувам ни понизок. Едноставно секој човек го третирам како дете Божјо… должност на секој совесен христијанин е со искрена љубов да го покаже почитувањето кон божествено даденото достоинство на секој човек, без оглед на тоа во што верува.“
Потоа зборуваше Ксанти Морфи, извршна директорка за комуникации во „Светскиот совет на црквите“: „Како новинар, повеќе од 15 години известувам за меѓународни и верски теми во различни контексти. Сум сретнала лидери и институции во многу различни реалности, но комуникацијата со Архиепископ Анастасиј никогаш не можеше да се вклопи во ниту една вообичаена новинарска категорија.“
„Тој ми помогна да разберам дека новинарството повеќе не е само запишување на настани. Тоа носи одговорност да посредува, да гради мостови, да практикува вид дипломатија и помирување — конструктивно новинарство, како што тој го нарекуваше, со етички вредности“ – рече таа.
Конференцијата заврши со сесија прашања и одговори со Архиепископ Јован, кој присуствуваше во текот на целиот настан. Запрашан за идниот пат на Православната Црква во светот, Архиепископ Јован ја истакна темата на автентичноста. Тој ја повика Црквата да го научи јазикот на секоја нова генерација — не за да го разводни Евангелието, туку за верно да го пренесе. „Наша должност е да го знаеме нивниот јазик за да можеме да го пренесеме она што навистина го кажуваме“ – рече Архиепископ Јован.
