Меѓународна конференција за биоетички прашања поврзани со трансплантологијата во Минск

Во рамките на белоруската државна установа „Мински научно-практичен центар за хирургија, трансплантологија и хематологија“ на 28 ноември 2025 година беше одржана републичка научно-практична конференција со меѓународно учество „Боткинови средби“.

Основната цел на конференцијата беше разгледување на сложените биоетички прашања со кои во работата со пациентите се соочуваат медицинските работници и црковните службеници што се занимаваат со пастирска работа во болниците. За време на настанот беа разгледани и патиштата на соработка на специјалистите во областа на трансплантологијата.

Организатори на конференцијата беа: државната установа „Мински научно-практичен центар за хирургија, трансплантологија и хематологија“, државната установа „Републички научно-практичен центар за онкологија и медицинска радиологија Н. Н. Александров“, Белоруската Православна Црква и Белоруското здружение на онколози.

На меѓународната конференција учествуваа лекари-специјалисти кои работат во областа на трансплантологијата и онкологијата, како и свештенослужители на Белоруската Православна Црква. Покрај тоа, како поканети гости настапија лекари и експерти од Србија во рамките на делегацијата на Министерството за здравство на Република Србија, како и претставник на Руската Православна Црква.

Пред конференцијата, митрополитот Мински и Заслaвски, патријаршки егзарх на цела Белорусија г. Венијамин отслужи молебен во капелата посветена на Светиот новомаченик Евгениј Боткин, лекар на руското царско семејство, која се наоѓа во холот на Минскиот научно-практичен центар за хирургија, трансплантологија и хематологија.

Белорусија има високо развиена и успешна програма за трансплантација на органи, како и исклучително добро развиена мрежа на болнички капели при сите клиничко-болнички центри, со болничко свештенство и голем број добро организирани црковни волонтери, кои преку својата секојдневна пастирска работа им даваат значајна помош на лекарите и здравствените работници во нивната клиничка пракса.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//15225.mecunarodna-konferencija–o-bioetickim-pitanjima-vezanim-za-transplantologiju-u-minsku.html#