Министерот за туризам на Палестина во посета на Атинскиот Архиепископ г.г. Јероним

Министерот за туризам на државата Палестина Хани Ал Хајек на 26 јули оваа година го посети Архиепископот Атински и на цела Грција, г.г. Јероним.

Министерот ја изрази својата радост поради средбата и приемот и истакна дека ги пренесува поздравите на Претседателот и Премиерот на државата. Тој истакна дека ситуацијата е сложена и тешка и побара од Архиепископот да му помогне на страдалниот народ. Тој го покани Архиепископот Јероним да ја посети Палестина, нагласувајќи дека тоа ќе биде посета од големо значење за христијаните кои се 1% од населението, а изрази стравување дека за пет години овој процент ќе се намали на 0,5%. Тој истакна и дека се прави напор црквите и поклоничките места да не останат без луѓе.

Притоа, министерот изрази осуда за војната, убиствата на деца и жени, нагласувајќи дека бројот на загинати достигна 50.000, а на ранетите 100.000 луѓе, и го извести Неговото Блаженство дека ќе му испратат писмо, во кое ќе ја напишат точно каква помош и поддршка им е потребна.

Архиепископот се интересираше да дознае попрецизни детали за ситуацијата, и за манастирот „Свети Порфириј“ во кој има заробени бегалци без храна, вода и струја. Тој побара од министерот и неговата придружба да испратат писмо до Светиот синод на Црквата на Грција во кое ќе нагласат дека се работи за тема што ја засега целата јерархија. На почетокот на октомври ќе има заседание на Синодот на Црквата на Грција на кои ќе се дискутира прашањето за спомениците во Палестина. Архиепископот Јероним исто така додаде дека има предлог делегација на Црквата на Грција да ја посети областа. Изјави дека на средбата што ја имал неодамна со Ерусалимскиот Патријарх Теофил, разговарале за ситуацијата, и се интересирал да дознае како може да се испрати материјална помош.

„Се надеваме дека ќе имате сила и дека мирот ќе дојде во светот“, подвлече Архиепископот Јероним.

Министерот беше придружуван од Амбасадорот на државата Палестина во Грција г. Јусеф Дорхом, г. Мајд Елиас Ал Арја, г. Висам Салсаа и г-ѓа Евелина Каравасилис, додека присутни беа протосингелот на Архиепископот, архимандрит Варнава Теохарис и протопрезвитерот Емануел Папамикрулис, секретар на Синодската комисија за меѓуправославни и меѓухристијански односи.

Извор: https://www.ecclesiagreece.gr/epikairotita/main_epikairotita_next.php?id=3768