Архиепископот Тирански и на цела Албанија г.г. Јован и неговата придружба пристигнаа во Турција, во петок, на 13 јуни 2025 година, во мирна посета на Цариградската Патријаршија, додека официјалниот пречек, најпрвин со благодарствена молитва во Патријаршискиот храм, а потоа и во Тронската сала, се одржа во сабота, на 14 јуни.
Централниот дел на посетата беше сослужувањето со Цариградскиот Патријарх г.г. Вартоломеј на Неделата на сите светии, во патријаршискиот храм, каде што за време на беседите беше изразен духот на единство меѓу двете Цркви и меѓусебната почит. Патријархот Вартоломеј изјави дека секогаш ќе биде покрај маченичката Црква во Албанија, додека Архиепископот Јован, меѓу другото, ја изрази својата почит и поддршка кон Првопрестолната Црква на Цариград.
Во понеделникот, на 16 јуни 2025 година, Архиепископот Јован ги посети историските ромејски заедници во градот, како и Богословијата на Халки, изразувајќи надеж дека таа наскоро ќе биде повторно отворена. Истата вечер присуствуваше на свечена вечера во седиштето на Цариградската Патријаршија, приредена во негова чест од Патријархот Вартоломеј.
Во вторник, 17 јуни, пред враќањето во Тирана, Архиепископот Јован и неговата придружба ги посетија црквата „Света Софија“ и манастирот „Хора“.
Во придружбата на Архиепископот на Албанија за време на мирната посета беа: Високопреосвештените Митрополити на Фиер и Аполионија г. Николај и на Берат г. Астиј, Преосвештениот Епископ на Круја г. Анастасиј, Протосингелот на Архиепископијата, протојерејот отец Јован Меркури, архиерејскиот намесник на Митрополијата на Аргирокастро, архиѓаконот г. Јован Коровесис и г. Андреас Рембеци, професор на Универзитетот во Тирана и директор на образовната установа „Здивот на Љубовта“.





