Романската Православна Црква на Велики Четврток 2025 година, по 23-ти пат, изврши Мироварение. Службата се одржа во рамки на Светата Литургија, на надворешниот олтар на Патријаршиската катедрала.
Настанот е дел од серијата манифестации посветени на одбележувањето на стогодишнината од основањето на Романската Патријаршија. Мироварението им е дозволено само на автокефалните Цркви – статус што Романската Православна Црква го стекнала пред 140 години.
Во рамки на Литургијата на Свети Василиј Велики на Велики Четврток, се осветува и втор Агнец, од кој преку целата година ќе се причестуваат новокрстени деца, болни лица или други посебни случаи.
Во својата беседа по читањето на евангелскиот текст на денот, Патријархот Даниел ја истакна врската меѓу Евхаристијата и Мироварението: двете симболизираат жртвената, смирена и милостива љубов на Христос.
Приготвувано во првите три дена од Страстната седмица, светото миро беше сместено во 12 сребрени амфори за службата на Велики Четврток. Осветувањето на мирото вклучува повеќе молитви вметнати во Литургијата.
На крајот, светото миро беше префрлено во 44 мали сребрени амфори и предадено од Патријархот на претставниците на епархиите на Романската Патријаршија. Само пет епископи не присуствуваа на настанот и ќе го добијат светото миро дополнително.
Смислата на скапоцените нешта во Црквата
Пред да им ги предаде 44-те амфори на епископите, Патријархот Даниел зборуваше за значењето на убавите и скапоцени нешта што Му се принесуваат на Бога во Црквата. Тие се поттикнати од постапката на Марија, сестрата на Лазар, која му ги помаза главата и нозете на Господ со скапоцено миро.
„Ова скапоцено миро претставува, пред сè, силна вера и длабока љубов на оние што го љубат Христос, претставува чист живот, живеан во светост. Но, во исто време, ги претставува и сите дарови што свештеници и мирјани ѝ ги подариле на Христовата Црква низ историјата – дарови произлезени од љубов кон Христос и Неговата Црква.“
„Сите убави одежди, сите литургиски предмети како Светата Чаша, Светиот Дискос, скапоцените амфори, светите и прекрасни икони, фреските – сето тоа се знаци на љубовта на клирот и верниците кон Исус Христос“, рече Неговата Светост.
„Во исто време, Црквата се грижи и за сиромашните, но една убава црква носи радост не само на дарежливите, богатите или поимотните, туку и на сите што ќе влезат и се молат во неа.“
Настанот заврши во просториите на патријаршијата. Повеќе личности кои помогнаа во подготовката и осветувањето на мирото добија одликувања од Патријархот на Романија.