Митрополијата на Фтиодита на Православната Црква на Грција пред Велигден спроведе хуманитарна акција во која беа поделени 32.000 готови оброци, пакети со основни намирници и велигденски подароци за оние на кои им е најпотребно.
„Светата Митрополија на Фтиотида и митрополитот Симеон од Фтиотида сакаа, на почетокот на Страсната седмица, покрај духовниот повик за богослужби, пост и молитва, да упатат и повик на љубов и свесност, за да не ги заборавиме, во празничната атмосфера, светите ликови на нашите браќа и сестри во нужда, бидејќи љубовта и братството кон нив се предуслов за вистинско доживување на духовниот живот“ – соопшти митрополијата.
Хуманитарниот фонд на митрополијата, заедно со парохиските хуманитарни фондови и други добротворни организации, организираа голем број хуманитарни настани.
Најпрвин, во градот Ламиа беа дистрибуирани прехранбени производи и основни потреби на десетици самохрани семејства со малолетни деца.
Потоа, низ целиот регион на Митрополијата на Фтиотида беше спроведена иницијативата „Заедно каде што има потреба“, при што беа поделени 32.000 готови оброци на околу 500 луѓе, во соработка со локалните парохии.
Во рамки на оваа акција, беа поделени и велигденски пакети и финансиска помош на корисниците на „Центарот за љубов“ при храмот „Благовештение на Пресвета Богородица“, во Ламиа.
Митрополитот Симеон, исто така, лично подели велигденски свеќи и упати празнични честитки до ученици, деца и млади во образовни установи во Ламиа. На Велики Четврток, по Божествената Василиева Литургија, до доцна попладне пред вечерната со читањето на дванаесетте Евангелија, тој ги посети и социјалните и хуманитарни установи на митрополијата, како и домовите на браќата и сестрите кои живеат во тешки околности.