Митрополит Антониј од Украинската православна црква: Тоа што се случува во Трпезариската сала на Киево-печерската лавра е светогрдие

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Антониј Борисполски и Броварски од Украинската православна црква, објави реакција на употребата на одземените објекти на Киево-печерската Лавра од страна на Украинските власти. Неговиот коментар го пренесуваме во целост.

Нѐ боли кога ни ги одземаат храмовите. Но уште повеќе боли кога црквите и храмовите се користат не според она за што се наменети. 

Што гледаме денес во многу одземени цркви и храмови? Театарски претстави, перформанси, филмски проекции, политички активности, народни песни и танци или кулинарски шоуа… 

Ова најизразено се манифестираше во последно време во Трпезариската сала на Киевско-Печерската Лавра. Салата се претвора во сала за настани, кивотите со светите икони се покриваат со екрани, поставени се маси, како во ресторан. Дополнително, насреде светите икони се приготвува храна – не во кујната, туку токму во благословената манастирска трпезарија. 

Сега ова се обидуваат да го оправдаат: велат дека овие настани се согласни со намената на местото, бидејќи трпезариската сала е создадена за примање храна. Оттука и „молитвените појадоци“ и подготовката на традиционални празнични јадења биле сосема умесни. Но, вака може да зборува само површен, нецрковен човек, кој не ја разбира суштината на црковните правила и обичаи. 

Да, трпезариските сали во манастирите се создадени за вкусување храна. Но како тоа се одвива? Во манастирите, а Киевско-Печерската Лавра е токму манастир, храната се прима со молитва, а за време на оброкот обично се читаат житија на светии и дела на светите отци, за телесната храна да се соедини со духовната. 

Трпезариската сала е украсена со ликови на светии, во неа се присутни икони и кивоти со свети ликови. Сето тоа е создадено за молитва, за побожна духовна атмосфера. 

Ова е особено важно кога зборуваме за Трпезариската сала на Лаврата, бидејќи таа е поврзана со храмот посветен на преподобните Антониј и Теодосиј Печерски и е негов дел, бидејќи самиот храм често не можел да ги собере сите верници. Во салата се извршувала светата тајна Исповед, таму луѓето се подготвувале за Причест. 

Зошто да се одржуваат светски настани токму во Трпезариската сала поврзана со храмот? Зарем во Киев нема доволно простории за такви цели? И „молитвените појадоци“ со учество на неправославни, и подготовката на народни јадења, наречени некако „сакрални“, и разни политички и културни акции би можеле да се организираат на друго, посоодветно место. 

Ако ги наречеме работите со вистинското име, ова е светогрдие. А тоа може да биде и намерно, и ненамерно, бидејќи злите сили се обидуваат преку луѓето да го осквернат светото место кога од него се протерува молитвата. 

Бевме сведоци за вакво нешто пред сто години, и сите се сеќаваат до што доведе тоа и како заврши. И сега можеме само со смирение и жалост, по примерот на Христос, да кажеме: „Прости им, оти не знаат што прават“ (Лука 23, 34).

Извор: https://pravlife.info/mitropolit-antonij-pakanich-to-chto-proishodit-v-trapeznoj-palate-lavry-jeto-koshhunstvo/