Митрополит Антониј Волоколамски: Политизацијата на Светскиот совет на цркви е закана за неговата иднина

Во Јоханесбург, Јужноафриканска Република, заврши работата на Централниот комитет на Светскиот совет на цркви, во кој Руската православна црква традиционално учествува. Претседателот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, Митрополитот Волоколамски Антониј, кој ја предводеше делегацијата на Руската православна црква, во интервју за руската новинска агенција „РИА Новости“, објавено на 1 јули 2025 година, зборуваше за тоа како од година во година атмосферата во Светскиот совет на цркви сè повеќе се политизира под надворешен притисок, за какви обвинувања се соочува Руската Православна Црква, како сведочи за прогоните на христијаните во Украина и дали може да се нарече едногласна антируската позиција која ја заземаат некои од црквите-членки на Светскиот совет на цркви.

Владико Антониј, кои теми успеавте да ги дискутирате со другите цркви?

На пленарните седници беа разгледувани практични прашања од дејноста на оваа најголема меѓухристијанска организација, се правеше преглед на досегашната работа и се планираше иднината. Исто така, членовите на комитетот ја дискутираа актуелната политичка агенда – конфликтот во Појасот Газа, ескалацијата меѓу Израел и Иран, состојбата во Украина.

За жал, можам да констатирам дека политизацијата на дискусиите достигнува невидено ниво – тоа важи и за Генералното собрание во Карлсруе (2022), и за минатото заседание во Женева, како и за ова во Јоханесбург. Политичката ангажираност на поединечни цркви-членки ја поткопува суштината на Светскиот совет на цркви како уникатно место за меѓухристијански дијалог.

Како беше поставена темата за прогонот на канонската Црква во Украина?

По иницијатива на делегацијата на Руската Православна Црква, се одржа подолга дискусија за положбата на канонската Црква во Украина. Особено откако се појавија шокантни снимки од Черновци, каде што милитанти, поддржани од таканаречената „Православна црква на Украина“, се обидоа да го заземат соборниот храм, при што беа претепани свештеници, вклучително и Митрополитот Черновечки и Буковински Мелетиј. Тие снимки беа видени од многу присутни на седницата.

Каква беше реакцијата?

Некои претставници на протестантските цркви реагираа со цинизам, тврдејќи дека наводно „нема докази“ за случувањата, и се обидоа да ја прекинат дискусијата. Сепак, по гласањето, беше донесена одлука генералниот секретар на Светскиот совет на цркви да го испита прашањето и во комуникација со украинските власти да изрази загриженост заради прогоните врз верниците.

Дали имаше антируски говори?

Да, некои скандинавски протестантски цркви предложија документ во кој се тврди дека речиси 20.000 украински деца биле насилно однесени во Русија. Ние укажавме дека според официјалните информации од последните разговори меѓу Русија и Украина, списокот содржи нешто над 300 деца. Очигледна е разликата во бројките и укажавме дека авторите користеле непроверени извори од ангажирана преса. Како резултат на тоа, прашањето беше тргнато од дневен ред.

Се спомнува и друг проблематичен документ?

Да, беше претставен текст што се однесуваше на глобалните конфликти, вклучително и Украина. Јас зедов збор и потсетив дека не сме политичари, туку црковни претставници. Во документот немаше збор за цивилните жртви во Русија – како оние во Курската област по украинските напади, или по терористичките напади изведени од украински служби. Зарем животите на тие луѓе се помалку вредни?

Дополнително, документот содржеше фраза дека „мирот не може да се постигне со сила и не смее да резултира со наградување на агресорот“. Потсетив дека само пред две години Русија беше обвинувана дека не сака преговори, а сега, кога тие конечно започнаа, повторно сме обвинети. Наместо да се радуваме на можноста за мир, некои претставници поставуваат услови и диктираат како треба да заврши дијалогот. Тоа не е наша улога.

Која е судбината на документот?

По дискусијата следеше гласање. Делегацијата на Руската Православна Црква, заедно со други, гласаше против. Документот не доби едногласна поддршка. Побаравме нашето несогласување да биде забележано при објавувањето на финалната верзија, за што добивме гаранции од раководството на Светскиот совет на цркви.

Извор: https://ria.ru/20250701/antoniy-2026392744.html