Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Халкидонски г. Емануил од Цариградската Патријаршија недамна даде интервју за грчкиот весник „Катимерини“. Во ова интервју, објавено на 20 јануари 2025 година во кое тој се осврнува на извештајот на Руската служба за надворешно разузнавање (кој го пренесовме), Митрополитот Емануил го именува Цариградскиот Патријарх „Поглавар на Православието“. Во продолжение го пренесуваме интервјуто во целост.
На што ја припишувате оваа нападна кампања од руската страна против Вселенската Патријаршија и лично против Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј?
Подлабоката причина за агресивноста што се манифестира од страна на Московската Патријаршија против Вселенската Патријаршија и лично против Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, за жал, се темели на јасна духовна и еклисиолошка девијација. Логично се наметнува прашањето зошто е избран токму овој временски момент и зошто оваа жестина се насочува кон конкретни личности, но изгледа дека тоа е, на крајот, природата на световната власт кога таа се одвојува од автентичниот црковен етос. Кога теолошкото слово исчезнува и самото Евангелие се претвора во средство за државна присила и политичка целисходност, тогаш, за жал, останува само навредата. Фокусот веќе не е насочен кон институцијата – бидејќи Вселенската Патријаршија располага со силна канонска заштита изградена низ вековите, која останува недопрена и не може да биде нарушена со соопштенија на тајни служби – туку се префрла кон човекот, кон личноста на Сесветиот Вселенски Патријарх.
Обидот за лишување на личноста од нејзиното духовно татковство е нераскинливо поврзан, од една страна, со намерата за нејзино морално понижување, а од друга, со настојувањето Поглаварот на Православието да се прикаже како обичен извршител на туѓи налози. Се открива вродената неспособност на световната моќ да ја разбере духовната слобода. Ако, преку логиката на апсолутна идентификација, Московската Патријаршија останува заробена во парадоксална зависност од државата, тогаш слободата што ја зрачи Фанар за нив станува неподнослива, бидејќи слободата секогаш ги соблазнува оние што не ја поседуваат и предизвикува болка што тешко се прикрива.
Што значи фактот дека ова соопштение доаѓа од Руската служба за надворешно разузнавање?
Самото спомнување на Руската служба за надворешно разузнавање, веројатно, е најјасниот „момент на вистината“ за Московската Патријаршија, бидејќи црковните привиди целосно се распаднаа. Разговорот опасно се оддалечи од соборските одлуки, светите канони и автентичниот црковен етос, и веќе се однесува на „служби“ и световни механизми, што ја докажува целосната секуларизација и длабоката отуѓеност на црковната свест.
Крајниот проблем до кој води оваа состојба е претворањето на Црквата во обичен механизам на пропаганда, што е застрашувачко од теолошка гледна точка, бидејќи кога благодатта на Светиот Дух отстапува пред шпионажата, тогаш еклисиологијата го отстапува своето место на геополитичката целисходност.
Зошто се користат толку екстремни квалификации за Вселенскиот Патријарх?
Според мое мислење, екстремноста на квалификациите се должи на целосното отсуство на теолошки контрааргумент, бидејќи насилството – било вербално или физичко – секогаш е прибежиште на паниката и слабоста. Се зборува за „неонацисти“ и „агенти“, тешки зборови што се изговараат без страв Божји, можеби затоа што отсуството на вистински непријател наложи создавање вештачки цели со цел внатрешна мобилизација на нивната публика.
Суштината е во конструирањето на замислен непријател, а Сесветиот Вселенски Патријарх е идеален „противник“ за нив, бидејќи неговата вселенска димензија и влијание го прават, по дефиниција, премногу светол за нивните мерила.
Кои делови од ова соопштение ги сметате за најзначајни и зошто?
Во нивниот фантазиски наратив се крие еден детал што можеби им бега на многумина: додека досега одговорноста им се припишуваше на Американците, сега одеднаш се појавуваат Британците и нивните тајни служби. Изгледа дека руското раководство се обидува да ги измери односите со новата администрација во Вашингтон и очајно бара друг виновник за несреќите што самото ги предизвика, откривајќи огромна духовна сиромаштија.
Обидот стремежот на народите на Балтикот или на Украина за црковна слобода и идентитет да се толкува како „туѓо мешање“ е трагичен и суштински ги потценува самите православни народи, игнорирајќи дека тие имаат волја, расудување и од Бога дарувана слобода. Не може сè да се гледа низ искривени леќи – и токму таа позиција е нивната голема заблуда.
Дали има некој нов фактор што ја предизвика оваа реакција или руската страна се обидува да ја претекне некоја идна разврска?
Не постои нов факт, барем не во новинарска смисла, ниту некое „тајно оружје“. Доминира истрошеноста, која неумоливо дејствува на нивна штета. Треба да бидеме јасни: Вселенската Патријаршија, во однос на Украина и канонското доделување автокефалност, никогаш нема да ја промени својата позиција, бидејќи ова прашање е црковно утврдено и неповратно.
Сега веќе се забележуваат пукнатини на Балтикот, во Литванија и Естонија, каде што се веруваше дека советското наследство – односно остатоците од минатото во црковната управа – ќе трае вечно. Но, конструкцијата не издржува, покажувајќи дека стремежот кон слобода таму функционира повеќе како егзистенцијална потреба отколку како политички маневар.
Каква е состојбата со Црквите во Балтичките земји?
Во балтичките земји состојбата е напната со години, но суштинската промена е волјата на луѓето, кои, далеку од воени амбиции, настојуваат за духовна интеграција во европската реалност, одбивајќи да прифатат Московска Патријаршија што благословува војни во нивно име. Треба да се истакне дека Вселенската Патријаршија не го создаде проблемот, туку дојде да го исцели канонскиот неред на Московската Патријаршија, споделувајќи ја грижата на народот, како што тоа го прави со векови.
Да не заборавиме дека и Црквата на Естонија и Црквата на Летонија во минатото биле прогласени за автономни од страна на Патријаршијата, додека денес основањето Егзархија на Вселенската Патријаршија во Литванија е настан од највисоко значење, што им дава надеж на исплашените православни христијани. Овој чекор, како и поддршката за Естонија, наместо „упад“, како што погрешно се тврди, во суштина претставуваат вистинско заздравување на една рана што беше насилно отворена во 1945 година.
Дали ова соопштение создава нови околности во односите меѓу Вселенската Патријаршија и Московската Патријаршија?
Навистина се наоѓаме пред нови околности и влегуваме во неистражени води, не толку затоа што суштински нешто се промени, туку затоа што бруталноста има тенденција да стане норма во меѓуцрковните односи. Созреваме, учејќи да препознаваме што значи институционализирана бруталност и што подразбира тоталната војна што ја прогласи Московската Патријаршија. Сепак, надежта ја чуваме жива.
Фанар одговара со тишината на молитвата и, кога е потребно, со зборот на вистината, и сите треба да знаат дека вратата на Вселенската Патријаршија е и ќе остане секогаш отворена за искрен дијалог.
