Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Китрус, Катерини и Платамона г. Георгиј од Црквата на Грција, Професор на Аристотеловиот универзитет во Солун објави кратко размислување по повод празнувањето на претстојните Божикни празници. Неговите мисли ги пренесоа медиумите во Грција, и црковните и нецрковните, а ги пренесуваме и ние како тема за размислување.
Додека шетаме низ градот, ги гледаме излозите на продавниците и ги следиме училишните приредби, ни доаѓаат одредени мисли. Го славиме Божик како што би ги славеле родендените на некој „драг“, но притоа него го држиме затворен во една соба, за да не нè вознемирува. Во дневната соба украсуваме, се смееме, разменуваме подароци, но за присуството на Христос не сме заинтересирани и така Тој останува заклучен, како некое досадно дете.
Како и тогаш, така и сега, „нема место“ за Божествениот Младенец. Не затоа што немаме „гостилници“, туку затоа што немаме место во нашето срце.
Ги заменивме:
- јаслите со излози,
- тишината со бучава,
- молитвата со новогодишна забава,
- светите ликови со џуџиња,
- благословот „Среќен Божик“ со „Среќни празници“,
- зборот „Божик“ со увезеното „XMAS“,
- исчекувањето со потрошувачка.
Христос се раѓа, а ние се занимаваме со Дедо Мраз, човеколики дрвја и караконџули. И како ќе Го запознаат нашите деца Христос, кога ние, возрасните, Го заменивме со сето тоа?
И така, секоја година се повторува истата трагедија:
- Го славиме настанот, а ја губиме Личноста.
- Го воспеваме Рождеството, а Го протеруваме Христос од нашиот живот.
- Го сакаме Христос како бебе – неподвижен и молчалив. Не Христос Кој бара место, промена, покајание.
Христос продолжува да се раѓа „надвор“, не од нужда, туку по наша сопствена одлука.
На крајот, каков Божик сакаме? Божик со Христос или Божик без Христос?
Извор: https://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/73742-kitrous-georgios-xristougenna-a-xrista
