Празникот на Свети Василиј Острошки Чудотворец, на 12 мај 2025 година Господова, свечено и молитвено беше прославен во острошката светиња.
Со светата архијерејска Литургија на платото пред Горниот Острог чиноначалствуваше неговото Високопреосвештенство Архиепископот Цетињски и Митрополитот Црногорско-приморски г. Јоаникиј, сослужувајќи со Високопреосвештените господа: Митрополитот Калавритски и Егијалиски Јероним, од Црквата на Грција, и Архиепископот Диселдорфски и Берлински, Митрополитот Германски Григориј, како и Преосвештените епископи: Вашингтонско-њујоршкиот и Источноамерикански Иринеј, Бихаќко-петровачкиот Сергиј, Буеносајрескиот и Јужно-централноамерикански Кирил, Диоклискиот Пајсиј, бројно свештенство и монаштво од Српската Православна Црква, со молитвено учество на верниот народ.
По читањето на евангелското зачало, собраните беа поучени со празнична беседа од Високопреосвештениот Митрополит Григориј.
По осветувањето на славските приноси и сечењето на колачот во слава Божја и чест на Острошкиот Чудотворец, кои по повод манастирската слава ги подготвија острошкиот игумен архимандрит Сергиј и неговото монашко братство, празникот го честиташе Високопреосвештениот Митрополит Јоаникиј. Потоа се обрати и Високопреосвештениот Митрополит калавритски и егијалиски Јероним.
За време на Светата Божја служба, на кивотот на Свети Василиј со молитвен поклон му пристапуваа бројни верници кои доаѓаа од сите краишта не само на Црна Гора, Србија и Република Српска, туку и од целото православно вселенско семејство.















