Митрополит Лука Запорошки: Како се кинат ризите Христови

Високопреосвештениот Митрополит Лука Запорошки, од Украинската Православна Црква, во својот нов осврт, зборува за ризикот од појава на уште една сериозна линија на поделба во светското Православие. Овој текст, објавен во украинските црковни медиуми, во продолжение го пренесуваме во целост.


Пред неколку дена решив повторно да прочитам неколку интервјуа што епископот Бачки Иринеј во различни периоди ги дал за српското списание „Печат“. Лично го познавам владиката, повеќепати сум разговарал со него за разни актуелни прашања од православниот живот, длабоко го почитувам и многу црпам од она што тој го говори или пишува. Особено ова се однесува на проблемот со украинскиот раскол, кој стана крајно болен предизвик за севкупното православно единство. 

Епископот Иринеј јасно посочува – црковната поделба во Украина резултираше со поделба и во целото Православие. Имено, беа прекршени каноните и беше извршено незаконско навлегување на една автокефална Црква во канонскиот простор на друга автокефална Црква. Со тоа, нагласува архијерејот, виновниците за легализацијата на расколот „ја искинаа ризата Христова“, како да не ги знаеја зборовите на светиот Јован Златоуст и другите големи исповедници на Православието – а најверојатно ги знаеја, но не им беше грижа – дека гревот на расколот не може да биде измиен и искупен дури ниту со маченичка крв. 

Покрај тоа, владиката предупредува дека неуспехот во решавањето на постојниот канонски неред ќе има непредвидливи катастрофални последици – нов раскол веќе во рамките на православниот Исток, кој по својата сила ќе биде подеструктивен и многу подолготраен од оној меѓу христијанскиот Исток и Запад. Овој раскол би можел да нанесе непоправлива штета на мисијата и сведоштвото на Православието во светот, создавајќи притоа и нова погубна еклисиолошка ерес. 

Имајќи го тоа предвид, обрнав внимание на уште една важна забелешка на епископот Иринеј. Таа се однесува на прашањето за вмешувањето на романската страна во црковните работи на Молдавија. Според зборовите на архијеројот, желбата да се оддели Кишиневско-молдавската митрополија од Руската православна црква „не е диктирана од никаков проблем, а уште помалку од некаква реална потреба“. Напротив, тоа, според српскиот епископ, сведочи за експанзионистичкиот дух на романската државна и црковна политика. 

Зошто овие зборови се многу важни? Затоа што тие претставуваат предупредување за ризикот од појава на уште една сериозна линија на поделба во светското Православие, како и за влошување на сегашниот канонски неред. 

Она што се случува во Молдавија во голема мера го повторува „украинското сценарио“. Станува збор за навлегување на една автокефална Црква во канонскиот простор на друга автокефална Црква, државна политика на притисок врз Кишиневско-молдавската митрополија, закана за одземање на нејзините храмови и имот во корист на црковна структура поддржана од романска страна. 

Постои дури и директна сличност во аспектот на посетите на поглаварите на Црквите. Во 2021 година во Украина допатува патријархот на Цариград, Вартоломеј. Во 2025 година, на покана на Бесарабската митрополија, можно е да се реализира посета на Романскиот патријарх Даниил во Молдавија. 

Ние, православните Украинци, добро паметиме какви последици донесе за Украинската православна црква посетата на поглаварот на Фанар во Киев. По неговото заминување, прогонот врз нашата Црква само се засили, добивајќи уште поголеми и подинамични размери. Се зголеми бројот на заземања на храмови, напади врз свештенослужители и верници, незаконски пререгистрации на статутарни документи на заедници. Освен тоа, почнаа уште поинтензивно да нè туркаат кон спојување со религиозна организација ориентирана кон Цариградската патријаршија. А кога не се согласивме со овој план, против нас беше употребено радикално средство – усвојување на закон за забрана на нашата Црква. Дaj Боже, ваквите проблеми и процеси да не станат реалност и за нашите молдавски браќа и сестри! 

Како и да е, треба да бидеме свесни – соодветната црковна експанзија во молдавската насока нема да донесе ништо добро. Порано или подоцна ситуацијата ќе „експлодира“. И ќе се појави нова линија на поделба. Овој пат меѓу Романската и Руската православна црква. Покрај тоа, одредени сили би биле задоволни доколку ова сценарио стане реалност. Зашто, во таков случај, на пример, ќе се зголемат шансите да се убеди романската страна за потребата од признавање на легализацијата на украинскиот раскол од страна на Фанар. А тоа, за возврат, само би ја влошило моменталната ситуација во светското Православие и би го забрзало движењето кон опишаниот од епископот Бачки долготраен раскол во православниот Исток. 

За среќа, надеж за обновување на мирот меѓу помесните православни Цркви секогаш постои, и тоа токму затоа што Самиот Христос, а не некој друг или нешто друго, е Кнезот на мирот и Нашиот мир, Оној што од двата народи направи еден, и ја разруши преградата што беше меѓу нив, уништувајќи го непријателството… за да создаде во Себе еден нов човек, воспоставувајќи мир, та во едно тело да ги помири двата со Бога преку крстот, откако на него го уништи непријателството (Еф. 2, 14-16). 

Најважно е, и тоа е во наша моќ – да не создадеме со сопствени раце нови предизвици и закани, кои би можеле конечно да ја урнат конструкцијата на сеправославното единство.

Извор: https://pravlife.info/kak-razryvajutsja-rizy-hristovy/