Митрополит Марко Берлински: „Одлука донесена под принуда е неважечка“

Германската редакција на Сојузот на православни журналисти го објави ставот на митрополитот Марко Берлински и Германски од Руската задгранична Православна Црква во врска со истражувањето на американската редакција на Сојузот за внатрешниот извештај на Фанар за „Обединувачкиот собор“ во Украина, во 2018 година, за кој известиме.

И покрај сериозноста на внатрешниот извештај, на редакцијата на Сојузот досега не ѝ е позната никаква официјална реакција од Цариградската патријаршија.

Објавените информации се однесуваат на прашања од значење за целиот православен свет: мешањето на државната власт во црковните работи, важноста на одлуките донесени под принуда и последиците од тоа врз црковното единство. На овие прашања се осврнува Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Марко. Во продолжение неговиот став го пренесуваме интегрално.


Став на Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Марко Берлински и Германски

Информациите што неодамна излегоа на виделина за позадината и околностите на таканаречениот „Обединувачки собор“ од 15 декември 2018 година, на кој беше основана неканонската ПЦУ (Православна Црква на Украина, заб. прев.), доколку се точни, се крајно вознемирувачки. Наводниот внатрешен документ на Фанар потврдува некои гласини и претпоставки што одамна кружат, а за првпат го открива целосниот обем на овие и онака скандалозни случувања: мешањето во туѓа канонска територија, озаконувањето целосно неканонски „архијереи“ со обичен административен акт и, конечно, создавањето расколничка противцрква на канонската Украинска Православна Црква.

Тогашниот украински претседател Петро Порошенко му се обрати на Вселенскиот патријарх со барање да создаде автокефална Украинска црква лојална на владата, кон која би се приклучиле што е можно повеќе верници.

Црковното право и канонскиот поредок воопшто не го интересираа.

Потоа патријархот Вартоломеј I објави дека повторно ја прави важечка својата стара канонска власт над Украина, која неговите претходници во XVII век му ја отстапиле на Москва, и дека смета дека има право самостојно, без да се советува со другите православни патријаршии или да ги вклучи во процесот (вклучително и Руската мајка-Црква), да издаде томос за автокефалност.

И тоа не на канонската Украинска Православна Црква, предводена од митрополитот Онуфриј, туку на сојузот создаден на „Обединувачкиот собор“ на 15 декември, составен од расколничката „Украинска Црква на Киевската патријаршија“ и една организација за која, ако се потсетиме на историјата на нејзините „ракополагања“, називот „Црква“ во најдобар случај може да се смета за израз на посакуваната, но не и на реалната состојба – таканаречената „Украинска автокефална Православна Црква“.

Со овој нов документ сега излегуваат на виделина нови детали за улогата што ја одиграле украинската држава и нејзините безбедносни служби во озаконувањето на расколниците кои не се покајале.

Истовремено, во документот вознемирува повторното откривање на заслепеноста на раководството на Вселенската Патријаршија, кое смета дека може да се повикува на „вечни привилегии“ – а што е тогаш со „првиот“ Рим? – дека како „мајка-Црква“ може да ѝ „држи лекции“ на Украинската Православна Црква и дека автокефалните цркви што ги основала, без оглед дали тоа е направено законски или незаконски, може да ги стави под своја непосредна контрола.

Тоа се постигнува така што Вселенскиот патријарх се утврдува како „гарант на статутот“, а со бројни други одредби во неговиот томос, кој не подлежи на преговори, оваа Црква повторно ѝ се одзема независноста што ѝ била ветена.

За претставниците на Вселенската патријаршија, вклучително и за самиот патријарх, мора да биде крајно срамно кога сега јавно се покажува до кој степен, по сопствена вина, дозволиле западните политички сили да ги придобијат и да ги принудат да дејствуваат спротивно на совеста, црковното право и здравиот разум.

Нивната сопствена политичка амбиција и жедта за „привилегии“ што не им припаѓаат ги доведоа во оваа замка.

За жал, историјата познава многубројни примери во кои световната политика ја принудувала Црквата да постапува спротивно на сопствената волја и на канонскиот поредок. Ниту една Православна Црква не е целосно поштедена од тоа.

Во правото важи начелото дека одлуките донесени под принуда се неважечки. Ако дополнително се покаже дека тие се погрешни и во практиката, тогаш дотолку повеќе треба да бидат поништени.

До денес, и покрај огромниот притисок врз верниците и свештенството на Украинската Православна Црква, сепак ПЦУ, според сè изгледа, има мал број активни верници и речиси нема монаштво, но затоа располага со разни групи насилници кои ѝ помагаат при одземањето туѓ црковен имот. Таа се покажа како чисто политички конструкт.

И Вселенскиот патријарх го знае тоа, па останува да се надеваме дека сепак ќе се повлече од својата позиција.

Извор: https://orthodoxnews.de/de/verteidigung-glaubens/89369-eine-unter-zwang-getroffene-entscheidung-ist-ungueltig-metropolit-mark-von-berlin-und-deutschland.html