Во интервју за грчкиот црковен портал „Вима ортодоксиас“, Митрополитот на Китира и Антикитира г. Серафим, член на постојаниот состав на Светиот Синод на Црквата на Грција, зборува за состојбата со Црквата во Украина. Говорејќи со „света огорченост“, Неговото Високопреосвештенство го нарече доделувањето на автокефалија на ПЦУ (Православната Црква на Украина) „канонско злосторство“, чии плодови се денешните прогони, ограбувањата на храмови и злоставувањето на верниците што потсетуваат на прогонот од првите векови на христијанството.
Митрополитот раскажува за она што се случувало на седницата на Светиот Синод на Црквата на Грција во 2019 година, кога беше објавено признавање на ПЦУ, обвинувајќи за отсуство на гласање и за однапред подготвено соопштение кое прикажало лажна едногласност. Изјавувајќи недвосмислено дека лично не го признава Епифаниј и не сослужува со оние што го прифаќаат, тој поставува прашање за предводниците на украинската криза: „Како спијат овие луѓе?“
Следува интервјуто.
Ваше Високопреосвештенство, благословете. Во врска со бурните случувања во црквата на Украина, со ограбувањата на храмови, кражбите на мошти за кои известуваат дури и големите меѓународни новински агенции низ светот… Што имате да коментирате вие? Мислам на црквата на Онуфриј, на она што се случува против манастирите и храмовите што припаѓаат на Црквата на Митрополитот Онуфриј.
Значи, жалам. Дознавам, душата ми се ранува и се ранува и срцето на секој православен. Станува збор за варварства, станува збор за гнасни дејства. Тие не се христијани. Не се луѓе. Не се ништо, оние што толку сурово се однесуваат против православните, против Православната канонска Украинска Црква под Неговото Блаженство г. Онуфриј.
Јас зазедов став за ова прашање уште од 2018–19 кога бев синодски митрополит и редовно го разгледувавме ова на седниците на постојаниот Свет Синод. Сите таму го изнесувавме нашето размислување за тоа што ќе се случи; ќе се даде автокефалија на неракоположени, на расколници, на анатемисани и така натаму. Тоа го разгледувавме целата година.
Во октомври 2019, по редовната седница на Синодот што ја одржавме, беше додаден еден ден вонредна седница на која, за жал, Неговото Блаженство [Архиепископот Јероним Атински и на цела Грција] предложи признавање на автокефалијата на Црквата на Украина под Епифаниј. Тогаш се спротивставив, а и други архијереи се спротивставија на ова. Но потоа, без да се одржи гласање – ниту јавно, ниту тајно, ниту со кревање раце – туку затоа што зборуваа доста учесници позитивно за автокефалијата (можеби зборувавме вкупно 33, а сите останати не зборуваа, не се изјаснија), беше сабота и бевме на заминување, а некои веќе беа заминале, тогаш беше составено соопштение за печат. Соопштението беше како да се одржало гласање. Но не, ние не гласавме. Само се запишано тоа [дека имаше расправа] и беше запишано дека Црквата на Грција одлучила.
Сепак Митрополитот Онуфриј не создаде проблеми во црквата на Украина. Тој е мирољубив митрополит.
Го почитуваме длабоко и го спомнувам со целото мое срце.
Значи тоа беше пренесено, дека Црквата на Грција донела одлука. Јас не се согласив и потоа го напишав тоа и реков: „Не беше донесена никаква одлука од архијереите, односно со гласање“. Тоа го имаше кажано и еден друг митрополит, кој рече: „Ако сакате да има одлука тогаш да гласаме “. Но, не гласавме.
Дали сите архијереи на Грчката Црква го спомнуваат Епифаниј?
Не знам. Не мислам. Јас не го спомнувам. Мислам дека доста од нив не го спомнуваат. Влезе во диптисите, но јас лично не го прифаќам, не го спомнувам и не општам со оние што сослужувале. Не сакам да сослужувам, затоа што сметам дека ова нешто е неканонско и ги гледате резултатите сега. Имаме настани како од ерата на раното христијанство, како во трите века на прогонства. Страшно.
Имаме холокауст.
Оние што беа предводници имаат голема одговорност пред Бога.
Можеби се покајале оние што ја донеле одлуката за автокефалијата?
Имав слушнато неофицијално дека се покајале, но тоа треба да го кажат јасно и да го укинат целиот овој прогон што се врши против канонскиот митрополит и канонската јерархија и верниот народ кој брои милиони.
Навистина гледаме снимки од агенцијата Ројтерс што нè оставаат без зборови. Злоупотребуваат верници, свештеници.
Како спијат овие луѓе што беа предводници? Ви кажувам со света огорченост, ви говорам од срце. Јас во моите пастирски посланија – новогодишни, божикни и други – секогаш ја спомнувам оваа тема, дека тука станува збор за канонско злосторство. Страшно е и ги гледаме резултатите. „Според плодот дрвото се познава“ – не рече ли Христос? Еве, ги гледате.
Ви благодарам многу, Ваше Високопреосвештенство.
Примете ја оваа болка на мојата душа затоа што многу страдам. Нека даде Бог да заврши оваа драма на украинскиот народ. Драмата е страшна.

