Митрополит Зарајски Константин: „Не треба да се потценува Африка“

Патријаршискиот егзарх на Африка, од Руската Православна Црква, Митрополитот Зарајски Константин, неодамна даде интервју за „Журналот на Московската Патријаршија“, во кое ја опишува црковната состојба на африканскиот континент, во контекст на тамошните услови и околности. Во продолжение го пренесуваме интервјуто:

Ваше Високопреосвештенство, од октомври 2023 година Вие го извршувате послушанието Патријаршиски егзарх на Африка. Како изреагиравте на ова назначување?

Немаше никаква детска реакција, односно радост или спротивставување. Јас веќе имав искуство на црковен живот, па затоа ја разбирав сериозноста на работата. Веднаш беше јасно дека тука ќе биде неопходно да се вложи мошне многу труд.

Претходно имав прилика да работам во Московската митрополија, во Коломенската богословија, да учествувам во образовни, мисионерски и богослужбени проекти. А сега првпат во мојот живот беше потребно да заминам на служба во странство. Претходно јас имав само еднократни патувања: поклонички, туристички или патувања со мали задачи.

Кога слушнавте за Африка, на што помисливте во прв момент?

Јас пробав да се сетам на сѐ што знам за тој континент. Имав класичен сет од сите стереотипни претстави, кои се карактеристични за рускиот човек: егзотични животни и природа, црни браќа, пустина и савана, војни, болести, трески, маларија, глад. Меѓутоа, расположението беше мошне сериозно. Буквално уште од првиот ден беше неопходно да се снајдам во ситуацијата, бидејќи послушанието Патријаршиски егзарх во потполност се разликува од послушанието на кој било друг архијереј на Руската Православна Црква.

Каква се покажа Африка пред вас? Кој беше првиот впечаток? Што запомнивте најмногу од сѐ? Дали се потврдија стереотипите?

Африка е мошне разновидна. Таа нам ни се чини како далечен мал континент, но по површина е двапати поголема од Русија, а трипати поголема од Кина. Малку познатата земја кај нас, Габон, по површина е колку Полска, Франција е помала од Етиопија, Демократска република Конго е колку две третини од површината на сите европски земји, Германија е помала и од Кенија и од Танзанија, а е отприлика еднаква на Зимбабве. Шпанија е помала од Нигерија, Јужноафриканската република е поголема од Франција, од Германија и од околните мали земји, земени заедно. Во Африка се наоѓаат речиси половина од педесетте најголеми земји на светот.

Африка е огромна. Тука живеат над една и пол милијарда луѓе и има педесет и четири независни држави. Секоја од нив има своја историја, тие се мултинационални и многујазични. Африканските земји, меѓусебно, не се слични. Огромна грешка е да се смета Африка за една земја, како Русија. Може за пример да ја земеме Северна Африка, односно Египет. Пребогата цивилизација. Јас бев во Каирскиот музеј, кој пружа фантастичен впечаток од древната, милениумска култура. Сосема поинаква е Јужна Африка: Јужноафриканска република, Танзанија, Уганда и други земји, кои имаат свои особености.

Во Африка има многу јазици. Во многу африкански земји не знаат англиски, туку распространет е само францускиот. Има и земји во кои се зборува на шпански и португалски. Многумина го зборуваат јазикот свахили. Во секоја земја се зборува и на локалните јазици. Затоа, првиот впечаток ми беше како да сум отворил врата во друг свет, кој живее поинаку. Не полошо и не подобро, туку поинаку. И светот не страда од тоа. Луѓето си ги чуваат традициите и ги одржуваат, а тоа многу се чувствува – живеат како што живееле нивните предци.

Војни има насекаде, а исто така болести и проблеми. Јас не видов во Африка проблем, со кој не се соочуваме тука. Секако, медицината е послаба во многу земји и е помалку достапна, но можат да излечат и маларија. За обичниот народ, медицинската грижа во Африка е навистина помалку достапна и, се разбира, луѓето страдаат од болести.

Ние на вести често слушаме за војни во Африка. Уриваат претседатели, се возат по улици на камиони, со автоматски пушки…

Многу земји живеат мирно, и таму никого не уриваат, а во некои земји постојано се менуваат лидерите и владите. Но тоа не се случува само во Африка, нели? Ние редовно читаме во вестите за тоа дека и во демократски земји ги „укинуваат“ незгодните кандидати по одржаните избори. Затоа, по добиените избори во Европа од страна на „подобни“ луѓе, едвај дали постои основа за критики или за високоумни инструкции во однос на африканците.

Што ве изненади при првите посети на Африка?

Во Африка живеат многу православни христијани, и има многу православни заедници и православни свештеници. Ме изненади колку се силни нивните заедници. Си имаат свои проблеми, но тоа е автентична Црква. Јас малку стравував дека ќе се соочам, така да се каже, со постскрипти, односно во писмените извештаи да биде една ситуација, а во реалноста таа да биде поинаква. Во 2024 година јас посетив дваесет земји, и сведочам дека: постои реална Црква, постојат реални заедници и реални свештеници.

Кои африкански земји ги посетивте?

Прво ги посетив центрите на нашите епархии (Северноафриканска и Јужноафриканска) и соборните храмови, а тоа се Јужноафриканската Република и Египет. Потоа патував во Црна Африка (назив за делот од африканскиот континент, кој се наоѓа на југ од пустината Сахара) и ги посетив: Танзанија, Замбија, Малави, Демократска Република Конго, Република Конго и Кенија. Потоа ја посетив Северна Африка: Мароко и Тунис. Исто така бев во Габон, Камерун, Буркина Фасо, Брегот на Слоновата Коска, Бенин, Того, Екваторијална Гвинеја, Уганда и на Маврикискиот остров. Во 2025 година веќе престојував во Јужноафриканската Република и во Кенија, а планирам да го посетам Мадагаскар и уште многу земји.

Во кои региони на Африка се наоѓаат повеќето парохии на Руската Православна Црква?

Основниот дел на црковните општини на Руската Православна Црква се наоѓаат во источна Африка, пред сѐ во Кенија. Таму имаме повеќе од сто свештеници и десет намесништва. Во Танзанија имаме две, во Уганда три, а во Бурунди и Руанда, во Замбија и во Малави по едно намесништво. Имаме две намесништва во Демократска Република Конго, две на Мадагаскар, едно во Република Конго (Бразавил). Црковниот живот се развива во Јужноафриканска Република, каде моментално има пет општини и седум клирици. Ако се искачиме кон север: имаме две намесништва во Нигерија, Камерун, Брегот на Слоновата Коска, а свештеници служат во Габон, Буркина Фасо, Того и Бенин. Имаме намесништво и во Централноафриканска Република. Исто така, постојат неколку историски руски парохии во Северна Африка. Тоа се црковни општини во разни градови на Египет, во Мароко и во Тунис. Постои руска општина и на Маврикискиот остров.

Денес Егзахатот се состои од две епархии, во кои влегуваат вкупно триста и педесет парохии во триесет и две земји на континентот.

Кои се свештеници на Патријаршискиот егзархат на Африка?

Во основа, нашето свештенство го сочинуваат свештеници кои преминаа кај нас од Александриската Православна Црква. Друг дел претставуваат свештеници, кои преминаа од редовите на неканонски групации што постојат во Африка. Тие се православни, кои биле надвор од пастирската грижа на Александриската Црква, живееле по свој поредок, а дури имале и своја ерархија. Ние ги примаме само како мирјани, а понатаму гледаме дали се тие луѓе способни и достојни да служат. Ги ракополагаме, а има многу силни свештеници, со голем потенцијал. Јас служев во парохијата на отец Даниил Бру во Брегот на Слоновата Коска. Кај него на богослужба се собираат и до петстотини парохијани. Ние ги забележуваме оние кои сакаат пастирска грижа, и им помагаме.

Се разбира, ние полагаме надеж и на педесет и двајцата ученици од Африка, кои се школуваат во пет богословски школи во Русија, а нивниот број ќе се зголемува.

Моменталната поделба во православниот свет меѓу двата големи центри, безусловно поддржана од надворешни сили, претставува голема трагедија. Таа поделба особено се пројави во украинското прашање, кога во контекст на светска криза и на воен судир отворено се признава расколот. Бездруго, секој раскол треба да биде исцелен на некаков начин, бидејќи тоа е тежок грев. Сега ние се наоѓаме во комплицирана ситуација, но повикани сме да ги сочуваме христијанското лице, христијанското расположение и христијанското однесување.

Дали ќе се отвораат нови парохии во други земји на Африка?

Тоа е природен процес. Во некои земји има канонски свештеници, кои преминаа во Руската Црква. Во други земји има свештеници од неканонски групации. Исто така, се одвиваат и такви процеси кога руските општини изразуваат желба за изградба на храм. Ние функционираме во услови кои постојано се менуваат. Но, сѐ што се прави вештачки, без водење сметка за локалните процеси, нема перспектива. Колку и да се трудите, ништо не успева.

Во минатото многу африкански земји добиваа значителна помош од Советскиот Сојуз. Дали се сочувано сеќавањето на тоа и како истото влијае врз развојот на современата православна мисија?

Сеќавањето за помошта од СССР е сочувано, а сега се препородува комуникацијата на нашата земја со африканските земји. Се одвива меѓусебна соработка на разни нивоа. Постојат и такви луѓе, кои се школувале во Русија, па дури малку и зборуваат руски.

Во која земја најмногу ви се допаѓа да престојувате?

За мене сите мои земји се значајни и омилени, но особено важни се оние каде треба да се решаваат битни проблеми. Онаму каде што нема проблеми, ти едноставно се молиш и му се радуваш на животот. А онаму каде што има проблеми, потребна е твојата помош, се загрижуваш, бараш начини на решение, почесто патуваш. Потребно е да се одговара за сите, но моето внимание во голема мера е насочено кон оние земји, во кои е неопходно да се решат итни прашања. Секоја земја топло го прима архијерејот, кога гледа дека тој е насочен кон работата. Затоа јас се трудам, сите со кои сум во комуникација да чувствуваат во мене поткрепа.

Со какви проблеми морате да се соочувате?

Со најразлични. На пример, се упокоил намесникот, и неопходно е во голем град да се организира црковниот живот. Внимание бараат црковното градителство и прашањата поврзани со регистрација на Црквата. Имаше една комплицирана ситуација со свештеник, чиј син умре во друга земја. Задачата беше да се транспортира телото на умрениот во татковината. Имаше ситуација, кога во Малави беше глад и произлезе потреба да се соберат средства за нашите парохијани. Патем, тоа требаше да биде организирано на таков начин, за да се дојде до луѓето, па на парохијаните да им биде укажана навремена помош. На некои места, на пример во Кенија, имаме задача за организирање на пастирски курсеви за свештенството. Во некои земји веќе се организирани добротворни установи или училишта. Неопходно е тие да се поткрепуваат. Потребно е да се решаваат прашања поврзани со изградба на храмови и со потрага по извори на вода и со подршка на свештенството.

Дали имате цел да ги посетите сите африкански земји или сѐ уште не секаде има услови за православна проповед?

Се раководиме според потребите. Јас не си поставувам задача да ги поминам сите педесет и четири земји, но ќе патувам постојано во земјите, во кои се развива црковниот живот. Моментално имам поминато дваесет земји, а се подготвувам да ги посетам сите оние, во кои треба да престојувам.

Како реагира локалното население на вас лично и, генерално, на руското свештенство?

Руско свештенство нема, нашите свештеници само повремено доаѓаат. Служи локалното свештенство. Руски свештеници служат во историските храмови во Северна Африка, во Јужноафриканска Република, но не во Црна Африка. А доколку се зборува за локалното население, тогаш принципиелно важен момент е тоа што ние не сме Црква на дојденци. Ние сме Црква на локални свештеници и на локални парохијани. Сите тие се државјани на своите земји. При едно од моите последни патувања, мене ме прашаа кои наши свештеници ние сме ги довеле, а јас одговорив дека никого не сум довел. Јас служев со локалните свештеници, и крштевав локални луѓе. Тој што го постави прашањето, беше зачуден.

Дали постоеја негативни впечатоци?

Јас сфаќав каде одам. Но и во развиените земји не е секаде сѐ добро. На пример, пред неколку години јас бев во Париз. Очекував да го видам „прекрасниот Париз“, а јас видов сиромашни луѓе што спијат, лежејќи на сред улица, и видов нечистотија и смрдеа. На булеварот Сен Жермен, на тротоар, лежи човек и спие. Или, пак, влегуваш во метро, а таму ужасен мирис. Или приградските населби, што некои од нив, едноставно, е опасно да се посетат, бидејќи ризикуваш да бидеш ограбен или истепан. Ова непријатно зачудува, затоа што не се совпаѓа со нашите стереотипи. А, на пример, во Киншаса, Малави, Замбија или во Кенија, јас знаев каде одам, и го видов она што го очекував. Се одвива лабаво возење, бидејќи ти се движиш по африкански град и од прозор го гледаш животот, каков што порано никој друг не го видел. Но особено ме зачуди тоа што постојат цели региони, во кои нема автомобили, а се возат само мотоцикли, мототакси, велосипеди, па дури и запрежни коли со животни. Се употребуваат едноставни алати за работа.

И има мошне многу луѓе. Во Африка нема такви проблеми со наталитетот, како што има кај нас. Семејствата се многудетни. На пример, според статистиката, во Уганда просечно секоја жена раѓа повеќе од шест деца. Децата се мошне љубопитни. Малите деца практично немаат играчки, и со нив не се однесуваат разгалено. Тие уште од најмала возраст се приврзани за земјата. Јас обрнав внимание дека тие не изведуваат. Толпа деца стојат за храна, и никое од нив не плаче, бидејќи никој нема да обрне внимание на тоа. При тоа, тие се мошне приемчиви и љубопитни. Ним им е потребно повеќе. Децата одат наутро на училиште, минувајќи многу километри. Многу се цени образованието. На улиците има толпи деца, кои пешки одат на училиште, поминувајќи големи растојанија.

Во Африка, во некои земји, се случува да има глад, но да лежат тела надвор – такво нешто јас не видов. Најчесто тоа се манифестира во неухранетоста и во користењето на еднолична храна со низок квалитет. Постои недостаток од извори на вода за пиење. Тие се многу малку, а згора на тоа можат да дојдат слонови и да ја испијат сета вода. Изворот е со ограничено количество вода, па затоа слоновите можат одеднаш да ја испијат. Јас сум слушал за такви случки.

Исто така, животните, од своја страна, претставуваат еден од проблемите за жителите на Африка, иако локалните жители се подготвени за тоа. Познати се случаи, кога слон прегазил деца. Кога јас првпат бев појден во Јужноафриканска република, некој локален проповедник пошол на река за да крсти луѓе, и го изеле крокодили.

Кога извршував крштевање во езерото Викторија, јас имав спор со локалното свештенство. Како секој руски човек, јас пред патувањето прочитав на интернет, се подготвив. Во езерото Викторија има мошне многу крокодили. Тие ми рекоа: „Владико, тука нема крокодили“. (Јас реков): А како, па нели е познато дека во езерото Викторија има многу крокодили?!“ (Тие одговорија): Владико, спокојно, во езерото Викторија има крокодили, но ги нема тука, затоа што тука е блиску пристаништето и тука нема храна. Вие гледате ли нилски коњи? Каде што има нилски коњи, таму има и крокодили. Тука ги нема ни едните, ни другите. Затоа ајде да седнеме во чамецот.“ И јас, како верник христијанин, појдов да ги крстам луѓето, знаејќи дека во езерото Викторија има крокодили.

На друго место ние ги крстивме луѓето не во река, бидејќи таа беше преполна со крокодили, туку во канал, одделен од реката со мала бариера. Јас одлучив да ја погледнам бариерата меѓу реката и тој канал. Тоа се неколку метри, иако е познато дека крокодилите се силни животни и мошне брзо се движат по копно. Сепак, ние со вера крстивме во каналот. Локалните жители објаснија дека тука нема крокодили, (велејќи) зошто крокодилот би пливал тука доколку нема храна за него, антилопи не трчаат, а луѓето можат да го убијат.

Еднаш ние патувавме со автомобил во Јужноафриканска република. Патот го минуваа три бабуни. Ние внимателно застанавме, ги пропуштивме бабуните и тргнавме понатаму по патот. Доколку бабунот удри на автомобилот, тогаш ќе има голема штета. Но, се разбира, едноставно така без причина, никој никого не напаѓа.

Како се случува илјадници луѓе да пристапуваат кон Крштение?

Огласените се подготвуваат за Крштение, кое понекогаш се извршува при посетата на епископот. Секако, тоа изгледа мошне впечатливо. Во Малави ние крштевавме на езерскиот брег. Луѓето беа мошне добро подготвени за Светата Тајна. Јас бев изненаден што сите тие заедно го читаа Символот на верата.

Мене никогаш не ме напушти чувството дека сѐ се одвива сериозно. Насекаде каде што одев, јас среќавав луѓе, заедници. Кога луѓето се причестуваат, тие тоа го прават мошне организирано. Очигледно е дека не сум јас првиот што отслужил Литургија за нив. Нивното гостопримство и срдечност создаваат мошне сериозен впечаток. Секако, за мене е совршено невообичаено служењето на Литургија со позадина на селските колиби, на африканската природа, под лисјата на дрвјата со банани. Тоа е неописливо чувство. И има мноштво луѓе, кои искрено учествуваа во Литургијата. Тоа не се луѓе насилно собрани од некаде, туку тоа е заедница. Тоа многу радува.

Каква ја гледате мисијата на Егзархатот?

Мисијата е една: да помогне да се влезе во Царството Небесно и да се најде вечен живот. Огромна грешка ќе биде занимавањето со надворешнополитички прашања. Наша задача е да ја извршуваме црковната работа, како што лекарите треба да лечат, готвачите да готват храна. Ние, треба да спасуваме за Царството Небесно. Секогаш и секаде да ја спасуваме својата душа и душите на оние, кои Господ ни ги дал. За тоа ќе се бара одговор од нас. Затоа мисијата на Егзархатот е само една: да се служи Литургија, да се извршуваат (светите) Тајни на Црквата, да се проповеда Словото Божјо и Евангелието, да се крштеваат луѓе, да се подготвуваат за вечен живот. А тоа треба да се извршува така добро, како што се прави и во Русија.

Важен момент е следниов: во Црквата, и во Африка и во Русија, сите црковни проекти функционираат само тогаш кога произлегуваат од црковниот живот. А сѐ друго е лажно. Кога ние се трудиме да направиме нешто заради показ и фотографии, тогаш сите ја чувствуваат таа лага. И во Русија е така. Искрената љубов кон Бога и кон ближниот, стремежот да се живее во Црквата и да се исполнуваат Божјите заповеди се залог за одржливоста на секој социјален проект, затоа што (тогаш) се прави од срце, искрено и вистински. Следствено, работите треба да се извршуваат искрено, за да сфатат оние кои соработуваат со нас дека она што ние го работиме е реално и значајно. Ние не создаваме ништо ново, ништо не реконструираме одново според нашите каприци. Руската Црква има конкретен опит на црковниот живот, но Господ ни дава можност да го примениме тој опит во новите ситуации, онаму каде што луѓето немаат сличен опит. Таму ние треба да го принесеме најдоброто што го умееме.

За да се реализираат таквите проекти, потребно е да има основа. Во Црквата тоа се: богослужението, молитвата и духовниот живот. Доколку постои таа основа, тогаш сѐ останато ќе биде: форуми, конференции, изданија на книги, снимање филмови, социјални, образовни и мисионерски проекти.

За обезбедување на богослужбениот живот, важна е организацијата на црковната структура. Неопходно е да се формираат парохии, да се поставуваат настојатели, да се организира парохискиот живот. Битно прашање останува изградбата на храмови и нивното материјално и техничко обезбедување. Не помалку значајни се социјалните проекти, односно помошта кон ближниот во секоја смисла. Сето тоа го реализираме, поаѓајќи од нашите можности. Перспективни се образовните процеси. Во таа област решаваме задачи во однос на обука на парохиските катихети, односно мисионери. Исто така, тука е задачата за пастирска грижа кон Русите: војници, ученици, наставници и др.

Посебна образовна задача е обуката на активни и иницијаторки мајки и, генерално, жени, кои се организирани во Сојузот на мајки. Такви сојузи има во многу православни африкански парохии. Тие ги одржуваат свои собранија, а нивни членови се главно возрасни жени, мајки и баби на возраст од 40 до 60 години. Овие сојузи се мошне активни.

Оддели на Егзархатот и комисии – тоа е работа за во иднина, бидејќи ние сме на почеток од патот. Меѓутоа, нив веќе ги има кај нас на ниво на работни групи: мисионерска, образовна, социјална, правна и др.

Како се одвива подготовката на локалното свештенство?

Локалното свештенство, пред сѐ, го сочинуваат оние кои кај нас преминаа од кај Грците. Тие дојдоа со валиден (свештенички) чин. Многумина од нив имаат завршено богословија во Најроби (Кенија) или во други школски установи. Ние мислиме дека за нив ќе бидат отворени курсеви за повисоки квалификации. Постојат и онлајн курсеви во Московската духовна академија, и курсеви на отец Партениј Дансу во Брегот на Слоновата Коска за браќата кои се од француско говорно подрачје. Идните свештенослужители го стекнуваат богословското образование  во богословиите, а за дополнително образование постојат различни курсеви.

Ние ќе ја развиваме онлајн обуката, но постојат неколку проблеми. Африканците не се толку многу приклучени на електронски уреди, како што сме ние. Генерално, тоа е позитивен момент, но предизвикува компликации во однос на онлајн курсевите. Освен тоа, интернетот не е секаде добар. Меѓутоа, и тој проблем е решлив.

Кажете за преводите на богослужбената литература на локалните јазици. Како и со чии сили се реализира таа работа?

Една од нашите приоритетни задачи е преводот на богослужбената литература. Ние веќе одамна му пристапивме на тоа прашање, иако сѐ уште се наоѓаме на почеток од патот. Ние си поставивме задача, ако Господ ни даде време и сили, да направиме преводи на богослужбените книги на сите основни јазици на африканските земји. Освен тоа, ние не правиме само преводи на книги, туку пишуваме и преведуваме разни специјални инструкции и појаснувања како да се изврши некое дејствие, обред или света тајна. Голем број на луѓе доаѓаат да учат. А што се однесува до светата тајна Исповед, луѓето не ја познаваат. Ние направивме брошури и ги преведовме на разни јазици. Се занимаваме со прашања поврзани со суви Свети Дарови, нивно чување и причестување дома.

Ние денес се наоѓаме во фаза на формирање екипа, луѓе големи и мали, кои имаат интерес за тоа. Ние имаме многу заинтересирани свештеници, кои ни помагаат, а онлајн технологиите се за нас од голема помош. Доколку порано било потребно сите да се соберат, сега некои свештеници,кои учествуваат во нашата дејност, живеат и служат дома (во својата земја), но работат со помош на онлајн технологијата: подготвуваат текстови, преведуваат. Ние бараме преведувачи, познавачи на мајчиниот јазик.

Меѓу активните помошници на Егзархатот денес е свештеникот Георгиј Максимов. Тој е мој најблизок помошник, со кого ние заедно работиме. Отец Тигриј Хачатрјан го надгледува образовниот процес. Сега во нашата екипа се вклучува Луховицкиот епископ Евфимиј, кој неколку години му беше викарен на Светејшиот Патријарх, а сега е поставен за викарен (епископ) во Егзархатот. Тој исто така ќе помага во нашите заеднички заложби.

Какви богослуженија се одвиваат сега во африканските парохии?

Се разбира, пред сѐ се служи неделна Литургија. Понекогаш неа ѝ претходи утринска богослужба. Вечерната богослужба е голема реткост. Светите Тајни се извршуваат. А што се однесува до другите богослуженија од деноноќниот циклус, сѐ ќе биде чекор по чекор. Неопходно е да се биде внимателен. Ќе го пренесуваме црковното предание според мерата на возраста на нашите браќа.

Во Африка нема силни, големи манастири, а има монаси и монахињи – свештеници, сестри и оние кои бараат монаштво. Некои од нив ние ги водевме во Русија на пракса. Ќе водиме и понатаму. Тема за иднината е формирање на првите манастири во Африка.

Како реагираат на Вас лично локалните жители, парохијаните на храмовите од Егзархатот?

Добро. Јас донесов некои одлуки за себе, а потоа сфатив дека не сум згрешил. Максимално го отстранив целиот руски традиционален архијерејски протокол. Во Африка јас облекувам расо само при многу важни средби: со претседатели, министри, амбасадори, државни чиновници и на официјални настани. А инаку се движам во мантија, со патерица (пастирски стап) и скуфија. Богослужбата ја служам според свештенички поредок. Се трудам да се однесувам со почит кон локалните јазици. Во земјите каде се зборува на англиски јазик, јас служам на англиски. Онаму каде што е раширен јазикот свахили, јас изговарам некои возгласи на тој јазик. Значи,  колку што е можно, свештениците да ја чувствуваат братската атмосфера на Литургијата.

Составен дел на африканската култура се песните и танците. Дали тоа се манифестира во богослужбите?

Тоа вака се случува: јас доаѓам во парохијата, излегувам од автомобилот, и мене ме пречекува толпа парохијани, заедно со свештеникот. Тие пеат во моја чест, свират на музички инструменти, а понекогаш и танцуваат. Со пеење и танци ние одиме кон храмот. Тоа е традиционален дел од пречекот, така се востановило, и тоа е убаво. Изгледа изненадувачки таквиот „чин“ на пречек. А главно е што пеат песни, специјално во чест на гостинот. На богослужението сите стојат и се молат. А по Литургијата продолжуваат прославата, песните и танците.

Судејќи според информативните материјали, локалните жители ги прифаќаат вашите посети радосно и дружељубиво. На кои нивни духовни очекувања одговара современата мисија на Руската Православна Црква?

Од една страна, кон нас постои голема доверба. Луѓето гледаат дека ние сме голема и сериозна Црква, која навистина работи. Затоа локалното население се однесува со почит. А од друга страна, се разбира, Господ ги отвора срцата на луѓето. Од љубов кон Бога, луѓето се привлекуваат кон Црквата и одат во оние општини (заедници), кон кои им лежи срцето.

Извор: http://e-vestnik.ru/interviews/mitropolit_zarayskiy_konstantin_afrika_13375/