Митрополит Борисполски Антониј од Украинската Православна Црква, на празникот Воздвижение на Чесниот Крст се обрати до верниците со повик 29 и 30 септември да ги поминат во строг пост и засилена молитва поради претстојниот судски процес за забрана на дејноста на Киевската митрополија.
Во архијерејското послание до паствата на Борисполската епархија, митрополит Антониј го нарече претстојниот суд „суд над самата Христова Црква“ и „ужасно беззаконие“. „Ова е тиранско самоволие кое нè потсетува на времињата на древните гонители, кога безбожните сили се обидуваа да го изгаснат пламенот на верата. Ова е посегнување на светињите, ова е духовен злочин пред Бога“ – изјави Митрополитот.
Владика ги повика верните да не паѓаат во очај, потсетувајќи на Христовите зборови: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат“. „Можно е да ни ги одземат храмовите, можно е да ги затворат манастирите, но најважно е да не се изгубиме себеси за Царството Божјо. Нашата вера не е во каменот, туку во срцата исполнети со Христовата благодат“, нагласи митрополит Антониј.
Митрополитот Антониј ги доживува сегашните настани како Божја Промисла, поврзана со гревовите на верните. „Ако денес Господ ни ги попушта овие искушенија, тоа е само поради нашите сопствени гревови, поради нашата рамнодушност, маловерие и отстапување од заповедите“ – истакна тој.
Во врска со претстојниот суд митрополит Антониј благослови:
– На 29 и 30 септември сите верни од Борисполската епархија да ги поминат во строг пост и засилена молитва.
– Во тие денови да се извршуваат по 12 земни поклони со особена молитва: „Господи Боже наш, згрешивме и беззаконие направивме пред Тебе, покајание принесуваме од срце скрушено. Не попуштај судиите неправда да ѝ направат на Твојата Света Црква, туку разруши ги зломислијата на оние што ѝ се противат“.
– На 30 септември во сите храмови и црковни општини на епархијата да се отслужи Божествена Литургија со молитва за заштита на Светата Црква.
Во посланието Митрополитот потсети и на непобедливоста на Црквата, цитирајќи ги Христовите зборови: „Ќе ја создадам Мојата Црква, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат“. „Да се држиме за Христос. Да одиме по Него во вера, љубов и смирение, знаејќи дека по Голготата секогаш следи Воскресението“, заклучи митрополит Антониј.
На 30 септември започнува судскиот процес, чија крајна цел е забраната на дејноста на Киевската митрополија на Украинската Православна Црква.
Извор: https://spzh.eu/ru/news/88301-upravdelami-prizval-pastvu-k-postu-pered-sudom-o-zaprete-mitropolii
