Митрополитот Антониј од Руската православна црква се сретна со Бугарскиот Патријарх Даниил

На 22 ноември, во зградата на Светиот Синод на Бугарската Православна Црква во Софија, се одржа средба помеѓу Неговата Светост, Бугарскиот Патријарх Даниил, и претседателот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската Патријаршија, митрополитот Волоколамски Антониј. На средбата присуствуваа и митрополитот Великотрновски Григориј, митрополитот Ловчански Гаврил, главниот секретар на Светиот Синод на Бугарската Православна Црква, епископот Мелнишки Герасим, советникот на Московскиот и на сета Рус Патријарх Кирил, протојерејот Николај Балашов, заменик-претседателот на Одделот, протојерејот Игор Јакимчук, претставникот на Московскиот Патријарх кај Бугарскиот Патријарх, настојателот на Подворјето на Московската Патријаршија во Софија, протојерејот Владимир Тишчук, и помошникот на претседателот на ОВЦС, јерејот Александар Ершов. 

Поглаварот на Бугарската Црква топло ги поздрави гостите, изразувајќи радост за доаѓањето на претставниците на Руската Православна Црква во Бугарија за време на одбележувањето на 100-годишнината од осветувањето на Патријаршиската соборна црква Александар Невски во Софија. 

Од своја страна, митрополитот Антониј срдечно му се заблагодари на Неговата Светост за поканата и можноста да учествува на празнувањето, истакнувајќи дека оваа посета претставува уште едно светло сведоштво за единството помеѓу Бугарската и Руската Црква. Тој пренесе поздрав од Неговата Светост, Московскиот и на цела Русија Патријарх Кирил. 

Во текот на средбата, соговорниците разговараа за различни прашања поврзани со развојот на односите меѓу двете братски Православни Цркви, како и за состојбите во светското Православие. Посебно внимание беше посветено на прогонот кој го трпи канонската Црква во Украина. 

На крајот од средбата, митрополитот Антониј му подари на Поглаварот на Бугарската Црква комплет од две панагии и напрсен крст, како и олтарски крст за Патријаршискиот соборен храм „Александар Невски“. 

Неговата Светост, Патријархот Даниил, му врачи на Неговото Високопреосвештенство сет од јубилејни медали како подароци – известува Одделот за надворешни црковни односи на Московската Патријаршија.

Извор: https://mospat.ru/ru/news/92538/