Митрополитот Антониј во Ереван: тркалезна маса и средба со Ерменскиот поглавар

Претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија, Волоколамскиот митрополит Антониј, на 3 и 4 септември престојуваше во Ереван, Ерменската престолнина, каде што ја предводеше работата на тркалезната маса „Руската Православна Црква и сонародниците: искуство на соработка во земјите на Европа“.

На средбата учествуваа архијереи, свештенослужители и мирјани на Руската Православна Црква, претставници на руските сонародници од европските земји, како и руски дипломати. Во текот на дводневниот форум беше разгледан развојот на соработката меѓу црковните заедници и организациите на руските сонародници во Европа.

„Оваа конференција е веќе четиринаесетта по ред“, истакна митрополитот Антониј. „Одржувањето на вакви настани редовно добива позитивни реакции од свештенослужителите и сонародниците кои живеат во далечната дијаспора. Средбите придонесуваат за општење меѓу архијереите, пастирите и мирјаните од различни земји, овозможувајќи им да разменуваат искуства од епархискиот и парохискиот живот и служење.“

Владиката Антониј потсети дека на Руската Православна Црква историски ѝ била доверена улогата на застапник, заштитник и собирач на луѓето од Русија кои живеат во дијаспората. Таа се грижела за бегалците и воените заробеници, останувајќи за сонародниците потпора и врска со татковината.

„За жал, тенденциите во последните години во Европа и во одделни земји на постсоветскиот простор сведочат за продлабочување на русофобијата. Очигледен стана стремежот на властите да ја ‘национализираат’ Православната Црква, или едноставно – да предизвикаат раскол и да ја претворат во орудие на антируската политика“, рече митрополитот Антониј и наведе низа примери на русофобска политика.

Митрополитот Антониј истакна дека 2022 година беше во историјата на руската дијаспора ширум светот еден од најдраматичните периоди, кој од една страна бара сплотеност на руските сонародници, а од друга страна – отвореност кон браќата и сестрите од земјите на историска Русија.

„Во текот на последните години во странските општини на Руската Црква се забележува прилив на верници-бегалци од Украина – луѓе кои свесно ги бараат парохиите на канонската Православна Црква и кои не се до крај преобликувани од украинската државна пропаганда“, сведочеше митрополитот Антониј.

„Повикани сме да ја зачуваме мирната молитвена атмосфера, единството и на ниво на целата Црква и во секоја одделна парохија, избегнувајќи какви било разговори за политичката состојба во Европа и во светот“, нагласи митрополитот Антониј во своето обраќање. „Сите прашања од политички карактер треба да останат надвор од црковната ограда.“

Тој додаде дека претставништвата на Московската Патријаршија во странство им помагаат на сонародниците органски да се вклучат во општествената средина на земјата во која живеат, притоа зачувувајќи го својот духовен и културен идентитет.

Во рамките на престојот во Ереван, на 4 септември митрополитот Антониј се сретна со поглаварот на Ерменската Црква, Врховниот Патријарх и Католикос на сите Ерменци Гарегин II во Патријаршиската резиденција во Ечмијадзин. Тој му ги пренесе поздравите од Патријархот московски и на цела Русија Кирил и му врачи патријаршиско обраќање по повод 75-годишнината од неговото раѓање.

На средбата беше разговарано за состојбата и перспективите на односите меѓу Московската Патријаршија и Ерменската Црква. Католикосот Гарегин II изрази благодарност до Патријархот Кирил за честитките и поддршката кон Ерменската Црква.

Извор: https://mospat.ru/ru/news/94527/