Митрополитот Черкаски Теодосиј во интервју за „Ромфеа.гр“ до Патријархот Вартоломеј: Погрешивте во Украина

Митрополитот Черкаски и Каневски г. Теодосиј од Украинската Православна Црква даде интервју за грчката црковна информативна агенција „Ромфеа.гр“. Разговорот го водеше раководителот на „Ромфеа.гр“, Емилијан Полигенис, неколку дена по претепувањето на архијерејот од страна на следбениците на Православната Црква на Украина (ПЦУ – чија автокефалност беше доделена од страна на Цариградската патријаршија) за време на одземањето на соборниот храм „Св. Архангел Михаил“. (Во интервјуто кое следува Православната црква на Украина – ПЦУ е именувана едноставно како „Автокефална црква на Украина“, па затоа преведувачот додава ПЦУ во заграда, за да биде појасно за македонскиот читател за која црковна структура станува збор.)

Ваше Високопреосвештенство, не би можел да започнам без да Ве прашам за вашето здравје откако бевте претепан од следбениците на Автокефалната Црква на Украина (ПЦУ)…

Почитуван господине Полигенис, Ви благодарам за прашањето. Сега ми е многу подобро. Во прво време, по потресот на мозокот и изгорениците на очите и кожата, некое време морав да бидам во постела, по барање на лекарите. Но сега, слава Му на Бога, јас скоро целосно заздравев.

Благодарен сум Му на Бога, што тој ден поминав само со потрес на мозокот. Затоа што, според мислењето на мене познати криминалисти, кои го проучуваа видеото на нападот, цел на ударот со безбол палка, кој ми го нанесе претставникот на „Автокефалната Црква на Украина“ (ПЦУ), во глава бил намера за убиство. Среќа, издржливата митрополитска капа го омекна ударот до толку да претрпам само потрес на мозокот.

Кажете ни, како ги преживеавте тие трагични собитија во соборниот храм на Архангелите? Како воопшто дојдовме до тоа, во 2024 година, пред наши очи, еден митрополит да стане жртва на  тепање?

Би сакал да Ви кажам. господине Полигенис, дека тие настани сè уште ги немаме поминато целосно. До сега сите ние мислевме дека такво нешто не може да се случи во современиот свет, односно во XXI век. Уште повеќе, од страна на луѓе кои себеси се нарекуваат христијани. Но, тоа се случи!

Тука не се работи само за целосно прекршување на уставнопропишаните права на нас верниците, граѓани на Украина. И не се работи само за бруталното газење на неприкосновеното право на приватната сопственост. До сега и соборниот храм во Черкаси (најголемиот православен храм во Украина), и комплексот на згради на Митрополијата, со сиот имот се сопственост на нашата епархија како правно лице со соодветни имотни документи. Исто така, имаме државен документ кој го потврдува нашиот посед на земјиштето под нашиот црковен комплекс. Но, не се работи само за тоа.

Најмногу од сè нè потресе и нè ужасна злобата и омразата, нечовечноста со која претставниците на „Автокефалната црква на Украина“ (ПЦУ) нè тепаа, не само мене, туку и нашите свештеници, монаси и мирјани. Со ѕверски крикови луѓето од „Автокефалната црква на Украина“ (ПЦУ) им кршеа на верниците раце, нозе, ребра, ги фрлија на земја и ги удираа со парчиња од скршени стасидии и дури со црковните предмети.

Кршеа заби на свештениците и стрелаа во верниците од воздушно оружје во храмот Божји, откако им фрлија созлавец. Тоа беше проследено со пцовки и хули, и сето тоа е забележано од безбедносните камери. Тие случувања предизвикаа шок и ужас не само кај жителите на Черкаси, туку и кај многу луѓе, како во Украина, така и во целиот свет.

Во тие случувања како непосредни организатори учествуваа „свештеници“ од „Автокефалната црква на Украина“ (ПЦУ). А нивниот претстоител во Черкаси, „митрополитот“ на „Автокефалната црква на Украина“ (ПЦУ), со име Јован Јаременко, веднаш по насилното грабнување, јавно позираше во мојот кабинет, ограбувајќи ја мојата библиотека. Тоа го правеше без никаков срам и потоа објави свое видео на интернет. Сега тој Јаременко „служи“ во грабнатиот храм, користејќи ги моите одежди, моите пастирски жезли, дикиро-трикирите и нашите црковни предмети.

Воопшто, „Автокефалната црква на Украина“ (ПЦУ) уште еднаш пред целиот свет го покажа своето вистинско лице. Во тоа нема ништо христијанско, ниту православно.

Со оглед на настаните за кои сега ни кажавте, каква е сегашната црковна ситуација во Украина?

Ситуацијата е многу тешка! Државните власти, господине Полигенис, преку своите тајни служби како и преку целосно контролираната од политичкиот режим „Автокефалната црква на Украина“ (ПЦУ), спроведува прогони од широк размер, против Украинската Православна Црква.

Тие сличат на прогоните кои ги преживеавме во советскиот период од нашата историја. Свештенството е тепано и апсено, храмовите се одземаат за „Автокефалната црква на Украина“ (ПЦУ), после што таму престануваат да одат верниците. Исто така, самите верници често ги бркаат од работа, а нивните деца се исмевани во училиштата.

Некои храмови на нашата Црква дури се рушат (во Киев и Лвов), а други се наоѓаат под опасност од целосно укинување.

Сето тоа се прави со одобрување и директно учество на „Автокефалната црква на Украина“ (ПЦУ), која ѝ е верен службеник на сегашните власти и има корист од прогоните врз нашата Црква.

Ситуацијата скоро 100% ги повторува собитијата од пред сто години, кога „Црвената црква“ на Обновленците, по указ на болшевичката власт, им помагаше на Советите да ја уништуваат вистинската Црква.

За жал, господине Полигенис, во такви услови ние денес живееме во Украина.

При тоа, не во сите региони од државата ситуацијата е иста: некаде е подобро, некаде е полошо.

Конечно, дали имаше некаква полза од давањето на автокефалност?

Ние не можеме да говориме за полза, неа ја нема. Може да се зборува само за огромна штета.

Томосот за таканаречената автокефалија од 2019 година во црковниот живот на Украина донесе море од солзи, болка и страдања за верните луѓе.

Со еден потег на перото, во дворот на Православието во светот беше пуштено вистинско чудовиште, таканаречената „Автокефална Црква на Украина“ (ПЦУ) која има многу малку општо со христијанството, само надворешната маска, надворешните форми. Можеби тоа звучи жестоко, но после случувањата во Черкаси сметам дека имам морално право да ги нарекувам нештата со свое име. Тоа чудовиште сега се труди да ја уништи Православната Црква во нашата земја. Тоа е зло и непоштедно, ги користи сите инструменти на државната машина, ни најмалку не гнасејќи се од ништо.

Но најстрашно е, господине Полигенис, што тоа се прикрива во црковно руво и со Томосот за автокефалија од 2019 година, што потполно е страшно! Тој ужас не треба да помине незабележан, бидејќи се работи за духовна инфекција! Таа, откако ќе ја заврши својата работа во Украина, ќе започне да го разрушува целото наше православно семејство, односно системот на светското Православие. И тоа веќе е почнато! Тоа не смее да се допушти, затоа што сите ние, православните архијереи во светот, сме одговорни пред Бога за историската судбина на Светата Православна Црква!

Со оглед на ова што ни го кажавте, каква порака би сакале да им упатите на претстојателите и на архијереите на Православните Цркви, кои не го искусиле она што Вие го живеете во Украина?

Знаејќи дека стотици илјади православни христијани од целиот свет, вклучително и Претстојателите на помесните Православни Цркви, свештенството, клирот, монаштвото и мирјаните ја читаат Агенцијата на црковните вести Romfea.gr, со болка ќе го изразам своето смирено мислење за ситуацијата која се оформи денес во Украина и во светското Православие, како и за начините за нејзиното возможно разрешување.

Обраќајќи се кон Неговата Светост, Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј, би сакал да го замолам Неговата Светост да ги прими моите зборови без горчина и вознемиреност. Во никој случај јас не сакам да пројавам некакво отсуство на почит кон Вашиот висок чин и авторитет во православниот свет. Сепак, Ве молам да ги примите мои зборови, како што Божјиот човек Валаам ги прими зборовите изговорени од устата на неразумната ослица.

Ваша Светост, со голема жал Ви кажувам дека направивте една голема грешка во Украина!

Погрешивте со своите одлуки, како што може да погреши кој било човек, дури надарен од Бога со висок чин и богато искуство. Плодовите на тие грешки денес веќе ги жнеат не само верните во Украина, туку и целиот Православен свет кој стои на работ на раскол, сличен на расколот од 1054 година.

Во никаков случај не требаше да се пуштат украинските расколници во Црковниот двор без покајание и без да следат валидни хиротонии.

Сосема точно е дека значителен дел од православните јерарси од целиот свет никогаш, ниту сега, ниту во иднина, нема да ги примат тие луѓе и нивните следбеници како валидни епископи. Ако некој мисли поинаку, значи тој сериозно е во заблуда!

Исто така, кобна грешка, од гледна точка на свештените канони, беше обидот да се раскине духовното тело на Црквата, која потекнува од Крштението на светиот кнез Владимир, т.е. Руската Православна Црква, формално поништувајќи ја важноста на документ со историја од 300 години. Хартијата е мртва, без душа, додека телото на Црквата е живо и крвари кога се обидуваат да го раскинат.

Сега е потребно сите ние да ги решиме некако сите тие крајно болни проблеми, и должни сме да ги решиме, да не го оставаме тој тежок проблем на нашите потомците. Колку повеќе се остава таа болна состојба, толку понеразрешлив ќе стане Гордиеовиот јазол во Православието.

Епицентарот на сеправославниот црковен конфликт сега се наоѓа во Украина. Денес тука има вооружен судир и се започнати крвави прогони врз Црквата. Затоа овој проблем воопшто не може соодветно да се разреши, сè додека не завршат овие трагични собитија. Само по завршувањето на војната во Украина, по ослободувањето на нашата Црква од игото на државните репресии, епископатот, чесното свештенство и монаштвото на Украина ќе можат слободно да го изразат своето мислење и да ја изразат својата позиција по однос на канонските прашања за постоењето на Црквата во Украина.

А денес, само за различно мислење, за едно просто спомнување на духовното и историско сродство на Украинците со Руската православна црква, некој може биде лишен не само од црковниот имот, туку и од слободата, здравјето, а понекогаш и од животот. Во вакви услови на репресија да се решава црковната дилема на Украина би било рамно на кражба за време на војна. А токму тоа сега и се случува!

Не исклучувам дека за решавање на ваков сложен и болен проблем, како „Автокефалната црква на Украина“ (ПЦУ), ќе биде потребно братско мислење на другите помесни Православни Цркви, или во форма на консензус на конференција на сите општопризнаени помесни Православни Цркви, или со Сеправославен Собор, чие решение задолжително ќе мора да соответствува на каноните од Светите Собори од древноста.

На почетокот е важно од таквата Конференција или Собор да биде исклучено присуството на црковни групи чие апостолско преемство не е признаено барем и од една од општопризнатите помесни Православни Цркви. Таквите одлуки ќе треба да се донесуваат исклучиво во рамките на свештените канони на Светата Православна Црква и со почит кон историски оформените територии на помесните Цркви.

Денес, при веќе постоечките неблагопријатни состојби, најбезболно и прифатливо сценарио за прекратување на канонските разлики помеѓу Црквите би можело да биде привременото запирање, од страна на Вашата Светост, на валидноста на од Вас издадениот Томос на Православната црква на Украина, како и општ мораториум за сослужување и заедничко причестување на православното свештенство со таа верска структура.

Тоа би можело не само да ја намали напнатоста помеѓу помесните Цркви, туку и би ни помогнало на сите нас се вратиме кон евхаристиското општење помеѓу себе, што претставува гаранција за мирот и едномислие.

На таков начин би се избегнала понатамошна ескалација на поделбите во светското Православие, а и барем малку би се прекинале прогоните на христијаните во современата Украина.

Ова, Ваша Светост, се наоѓа во ваша власт и во Ваша надлежност.

Истовремено, самиот проблем на „Автокефалната Црква на Украина“ (ПЦУ) и сè што е поврзано со тој проблем, би можело да биде решено после завршувањето на војната во Украина, на основа на свештените канони на Светата Православна Црква, како што е наведено погоре.

Исто во рамките на ова интервју, обраќајќи се кон православните архијереи од другите земји, пред сè сакам да Ви се заблагодарам за молитвите и поддршката што ја изразивте, на мојата паства во  Черкаси и на мене лично, по трагичните настани од 17 октомври.

Имаше многу такви зборови на поддршка и утеха од сите краеви на православниот свет.

Секоја вид на поддршка, дали јавна или во лична преписка и телефонски разговор, беше мошне скапоцена за нас! Токму преку Вашата поддршка Господ ми дозволи на опиплив начин да ја почувствувам соборноста на нашата Света Православна Црква во целиот свет!

Ве молам, сите по ред, свети архијереи Христови, од името на целиот страдален народ на Украина: не заборавајте ја во вашите молитви нашата Црква! Ние тука не губиме надеж дека со застапништвото на Пресвета Богородица, нашите верници ќе можат достојно да го поминат ова неедноставно искушение во нивниот живот.

За крај, Ваше Високопреосвештенство, би сакал да прашам, во кој стадиум се наоѓа судскиот прогон против Вас.

До сега, против мене се покренати пет судски дела, се водат четири судски процеси во различни судови во Черкаси и Киев.

Сите тие гонења, господине Полигенис, се покренати против мене поради вербалното заштитување на Украинската Православна Црква, помеѓу останатото и во официјални интервјуа на националните телевизиски канали на Украина, во последниве десет години.

Во тие судови како „оштетени“ се појавуваат скоро сите клирици на „Автокефалната Црква на Украина“ (ПЦУ), кои доставуваат обвиненија против мене во тајните служби за безбедност на Украина (СБУ).

По грабнувањето на храмовите во мојата епархија, тие клирици на „Автокефалната Црква на Украина“ (ПЦУ) кои нè обвинуваа, стануваат нови „сопственици“ на одземените храмови. Таквиот „механизам“ работи со помош на тајните служби.

Веќе околу две години сум во домашен притвор, а најголем временски период од него бев во 24-часовен притвор, а сега сум само во ноќен притвор. Трипати СБУ се обидуваше да ме уапси и да ме притвори во самица, но, за среќа, судовите тоа не го дозволија, туку ме оставија во домашен притвор.

Во овој момент, не се гледа некаков крај на тие рочишта. Но, верувам дека сето тоа Господ го допушта за полза на мојата душа.

Слава Му на Бога за сè!

Извор: https://www.romfea.gr/sinenteyxeis/66568-romfea-gr-tserkasi