Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Емануил Халкидонски, од Цариградската Патријаршија, на 11 јуни 2025 година, поднесе правна жалба против грчкиот верски портал „Ортодокс Тајмс“ и до нејзиниот главен уредник, г-ѓа Ефтимија Ефтимиу, поради нејзиниот текст „Што откриваат изворите од Фанар и Киев за црковната состојба во Украина“, објавен на спомнатиот медиум на 29 мај 2025 година.
Во жалбата поднесена од овластено правно лице – адвокат, Митрополитот Емануил бара да биде отстранет споменатиот текст од интернет страницата на порталот, а на истото место да биде објавено извинување до Митрополитот Халкидонски Емануил. Доколку во рок од два дена од доставата на жалбата не биде постапено според барањето, Митрополитот најавува дека ќе побара заштита пред надлежните граѓански и кривични судови.
Ова го објавува самата обвинета уредничка, г-ѓа Ефтимија Ефтимиу на порталот „Ортодокс тајмс“ на 13 јуни 2025 година. Таа објаснува дека текстот за кој станува збор е еден од најчитаните натписи на порталот, и дека изнесените податоци биле внимателно проверени преку новинарска верификација.
Истовремено, таа информира дека Митрополитот Емануил и во минатото изразувал незадоволство од други текстови објавени на „Ортодокс Тајмс“. „Митрополитот своето незадоволство го пренесувал неколкупати преку директорот на Прес-службата на Цариградската Патријаршија, до таа мера што се поставува прашањето дали директорот дејствува единствено како претставник на Митрополитот Емануил“ – се вели во известувањето.
„Ортодокс тајмс“ засега одбива да ја отстрани статијата која предизвика реакција.
Извор: https://orthodoxtimes.com/metropolitan-of-chalcedon-vs-orthodox-times-on-ukraine/