Цел на напад со беспилотно летало (дрон) била Соборниот храм „Богојавление“ во градот Горловка, при што бил повреден Митрополитот Горловски и Славјански Митрофан, како и уште три лица. Според официјалното соопштение на Горловската епархија, инцидентот се случил во неделата, на 23 август 2026 година. Имено, украинската армија извршила напад врз просторот околу Соборниот храм во моментот кога таму се наоѓале митрополитот, свештенослужители и доброволци.
Митрополитот Митрофан бил веднаш пренесен за да му биде укажана неопходна медицинска помош. Лекарите потврдиле дека неговата здравствена состојба е стабилна и дека нема опасност по неговиот живот.
Во нападот биле полесно повредени и протоѓаконот на храмот, Роман Степин, како и двајца доброволци од Патријаршиската хуманитарна мисија, Сергеј Солодков и Екатерина Купцова. Како што е соопштено, на тројцата повредени им била укажана прва помош на самото место и не било потребно нивно болничко лекување.
На крајот, треба да се напомене дека според одредени информации, дронот, наводно американски „Хорнет“, кружел над Соборниот храм во текот на литијата, по што ја фиксирал целта и извршил напад – известува грчкиот црковен портал „Ромфеа“.
Реакција од Московскиот патријарх Кирил
Московскиот патријарх Кирил, откако бил информиран за нападот и за повредувањето на митрополитот Митрофан, му ги изразил своите желби за негово брзо закрепнување:
„Со длабока тага и тешко срце дознав за нападот врз соборниот храм Богојавление во центарот на Горловка.
Непријателскиот дрон нападна луѓе во моментот на молитвата, што уште еднаш го покажува отсуството на какви било принципи и флагрантниот цинизам на оние кои го наредиле овој злосторнички напад.
Со особена загриженост дознав дека Вие, Ваше Високопреосвештенство, сте повредени и усрдно Му се молам на Господ за Вашето брзо закрепнување.
Верувам дека Спасителот, Кој нè укрепува во искушенијата, нема да Ве лиши од Својата милост и ќе Ви даде што поскоро да се вратите на Вашата архипастирска служба, која несебично ја извршувате со непоколеблива ревност за славата Божја, со храброст и со голема љубов кон Вашето паство.“
Извор: https://www.romfea.gr/ekklisies-ts/ekklisia-tis-oukranias/78247-drone
