На 26 мај 2026 година, два дена по притворањето во Чешка, за кое известивме, митрополитот Иларион (Алфеев) е ослободен, и против него не се покренати обвиненија – соопштува Телеграм-каналот на Митрополитот.
Пуштен е на слобода и неговиот возач, кој беше приведен заедно со Митрополитот. Тие биле пуштени без какви било дополнителни ограничувања: без кауција, без обврска за редовно јавување, без забрана за напуштање на земјата или други процесни обврски.
Во меѓувреме, како што стана познато, вештачењето потврдило дека супстанцијата пронајдена во автомобилот припаѓа на забранети супстанции. Истрагата на случајот, според информациите од чешката страна, ќе продолжи.
Страната на митрополитот Иларион нагласува: самиот факт на пронаоѓање забранета супстанција не одговара на главното прашање — на кој начин тие предмети се нашле во автомобилот. Клучни за одбраната остануваат околностите околу анонимната дојава врз основа на која бил запрен автомобилот, потеклото на пронајдените предмети, пристапот до возилото пред тргнувањето, постапката на претрес, запленувањето и ракувањето со наводните докази.
Митрополитот Иларион категорично отфрла каква било вмешаност во незаконско чување или превоз на забранети супстанции. Одбраната ќе бара целосна проверка на сите околности поврзани со случувањето.
По ослободувањето Митрополитот ја даде следната изјава:
„Срдечно им благодарам на сите што во овие денови се молеа, ме поддржуваа и сочувствуваа со мене. Особена благодарност изразувам до Неговата Светост Патријархот за неговата поддршка и молитви, како и до Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, лично до Марија Владимировна Захарова, руските дипломати и сите кои не останаа рамнодушни во оваа тешка ситуација. Подоцна ќе раскажам за сè подетално. Господ нека ве чува сите.“
Митрополитот Иларион потоа раскажа за условите во кои се наоѓал по приведувањето. Според неговите зборови, особено тешки биле првите часови во изолација:
„Беше многу студено во првата ќелија. Постојано морав да се движам за да не замрзнам. Тоа дополнително се влошуваше поради недостатокот на храна. Немаше никакви звуци, книги, хартија, пенкало. Немаше ниту перници – само рамни лежаи. Спиењето беше можно само на кратки интервали.“
