Митрополитот Исак апелира за помош на православните христијани во Либан

Со оглед на драматичните последици од војната во Либан, Антиохиската православна митрополија за Германија и Средна Европа, предводена од митрополитот Исак, започна акција за хуманитарна помош за погодените заедници.

Инцијативата за акцијата почнува од извештајот на антиохискиот митрополит Силуан на Библос, Батрун и околината (планински Либан), кој ја опишува состојбата на православното население во воените подрачја. Митрополијата го објави извештајот и својот повик на 13 март 2026 година на својата страница на Фејсбук. Извештајот опишува растечко внатрешно раселување во земјата, особено во југозападниот дел на епархијата со парохиите Чебак и Хадат. Многу православни семејства биле принудени да ги напуштат своите домови и засега го организираат сместувањето главно приватно, на пример кај роднини или пријатели. Во исто време, за локалното свештенство станува сè потешко да го согледа вистинскиот обем на раселувањето и соодветно да реагира.

Исто така, променети се и структурите за прифаќање и помош: бројот на прифатни центри е намален, а општествениот замор, економските тешкотии и безбедносните грижи ја намалуваат подготвеноста за помош. Сепак, некои заедници и понатаму се трудат да помогнат, на пример преку собирање облека и храна, обезбедување основни хуманитарни средства, како и простории за распределба на донации.

И покрај тешката состојба, Црквата ја продолжува својата пастирска грижа. Свештениците одржуваат контакт со верниците преку лични средби, комуникација од далечина и посети, колку што дозволува безбедносната состојба. Воедно, во рамките на епархијата се забележува различна реалност: додека некои региони остануваат релативно стабилни, други живеат под притисок на страв и бомбардирања.

„Ве молиме вас, возљубени, за време на светиот четириесетдневен пост најнапред да Го молиме нашиот Господ Исус Христос да ја пружи Својата рака, да се смилува над Својот народ и да го ублажи неговото страдање. Воедно, треба да го земеме како пример милосрдниот Самарјанин и нашиот пост да го направиме вистински и целосен пост, поврзан со дела на милосрдие, сеќавајќи се на нашите браќа и сестри во потреба и помагајќи им“ – вели во своето обраќање за помош Митрополитот Исак.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/14XRfZsShMv/ преку: https://orthodoxnews.de/de/nachrichten/85705-metropolit-isaak-rief-zu-spenden-fuer-orthodoxe-christen-im-libanon-auf