Митрополитот Њујоршки Николај изврши архијерејска посета на Доминиканската Република

Во сабота, 31 јануари, и во недела, 1 февруари 2026 година, во Неделата за митарот и фарисејот, митрополитот Источноамерикански и Њујоршки Николај, поглавар на Руската задгранична Православна Црква, ја посети мисионерската парохија во градот Сосуа, Доминиканска Република. Православната заедница во чест на иконата на Пресвета Богородица „Казанска“ е основана од свештеникот Рафаил Мартинес-Гонзалес во 2008 година и најпрво се наоѓала во градот Пуерто Плата, но подоцна, во 2020 година, се преселила во блискиот град Сосуа, каде што и денес се наоѓа во изнајмен мал, но пријатен простор.

Особеност на оваа мисионерска парохија е тоа што, покрај рускојазичните верници кои дошле во оваа земја од различни републики на поранешниот Советски Сојуз и новообратените Доминиканци, парохијата ја посетуваат и поддржуваат и членовите на Руско-Доминиканскиот центар за наука и култура. Сите негови членови, исто како и отец Рафаил, чуваат убаво сеќавање за Русија и за Русите од времето кога некогаш таму студирале. Тие не го заборавиле рускиот јазик, се интересираат за руската култура и продолжуваат да ја поддржуваат заедницата.

Токму тие, заедно со отец Рафаил, со старешината на храмот Сергеј Николаевич Никулин и со другите парохјани, подготвија многу трогателен пречек на Претстоителот уште на аеродромот во градот Пуерто Плата. На пречекот на Високопреосвештениот Николај присуствуваа и клирикот на мисијата на Руската Задгранична Црква во Порторико, протојереј Григориј, како и јеромонахот Даниил (Џустинијано).

Митрополитот Николај и придружбата се упатија кон храмот, каде што беа пречекани со традиционален леб и сол. Отците Рафаил и Андреј отслужија вечерна богослужба. Високопреосвештениот владика се молеше на клиросот, каде што помагаше со читање и пеење за време на службата. По завршувањето на вечерната, митрополитот Николај изврши осветување на нов, евхаристиски комплет, кој го донесе како дар за мисијата. Исто така, Владиката подари и комплет богослужбени книги, акатисти и икони за храмот и за делење на верниците. Денот заврши со братска трпеза, на која учествуваа целото свештенство со своите семејства и помагачите на мисионерската парохија.

Во недела наутро, митрополитот Николај, во сослужение со целото пристигнато свештенство, отслужи Божествена Литургија. Пред почетокот на богослужбата, за мисионерските заедници во Латинска Америка беа пострижени во чтеци Максим Лопес (Порторико) и Серафим Нуњес (Доминиканска Република). На Малиот вход Владиката го награди отец Рафаил со златен крст и, објавувајќи ја одлуката на архијерејскиот Синод, го воздигна во чин протојереј како уважување за неговото долгогодишно ревносно мисионерско служење.

Извор: https://synod.com/synod/2026/20260204_mndr.html