Митрополитот Кипријан од Бугарската Црква одбрани докторат за односите меѓу Бугарија и Македонија

Неговото Високопреосвештенство Старозагорскиот митрополит Кипријан од Бугарската Православна Црква одбрани докторат на катедрата „Национална безбедност и политички науки“ при Филозофскиот факултет на Великотрновскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Темата на докторската дисертација е „Перспективи за подобрување на односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија под влијание на црковната дипломатија и соработката“. На одбраната присуствуваа викарот на митрополитот – Маркијанополскиот епископ Богослов, свештеници од Старозагорската епархија и други.

Истражувањето ја следи улогата што верските институции можат да ја имаат во надминувањето на историските бариери на Балканот и во градењето на одржливо партнерство. Нивниот придонес може да биде особено значаен за надминување на историски навреди, идеолошки разлики и културни поделби.

Докторската одбрана претстави нова политичка рамка за интегрирање на црковната дипломатија во надворешната политика на Бугарија. Таа го става акцентот врз улогата на верските институции, особено на православната црква, како посредници за мир и разбирање со соседна Македонија. Рамката исцртува конкретни чекори за историско помирување, поддршка на меѓурелигискиот дијалог, културното зачувување и хуманитарните активности, гледајќи ги како значајни елементи на одржливиот општествен развој – се вели во известувањето на бугарските црковни медиуми.

Во истражувањето се нагласува и значењето на културната размена и регионалните партнерства како дел од поширокиот процес на европска интеграција. Меѓу предложените иницијативи се програми за студентска и академска размена, заеднички културни фестивали. Авторот предлага воведување на нов тип дипломатска парадигма – духовно-вредносна, при која почитувањето на религиозните корени и културниот идентитет води кон длабоки форми на доверба и соработка. Се потенцира дека успешниот напредок на Македонија кон ЕУ минува не само преку политички реформи, туку и преку зајакнување на меѓудржавната доверба, во што верските институции можат да имаат посредничка улога.

Во 2017 година митрополитот Кипријан ја предводеше Комисијата за дијалог со Македонската Православна Црква. Пред две години митрополитот Кипријан одбрани и магистерска теза на истиот универзитет – исто така во научната област на надворешната политика и дипломатијата.

Извор: https://dveri.bg/component/com_content/Itemid,32/catid,18/id,74504/view,article/