Митрополитот Корчански Јован избран за нов Архиепископ Албански

Во втората недела од Велигденскиот пост, посветена на свети Григориј Палама, на 16 март 2025 година, по Божествената Литургија, согласно со свештеното предание и Уставот на Православната Автокефална Црква на Албанија, Светиот Синод на Православната Автокефална Црква на Албанија се собра во синодската сала во Тирана со единствена точка на дневниот ред – избор на нов архиепископ. По молитвата, членовите на светиот Синод, под претседателство на Местобљустителот на Архиепископскиот Трон, Високопреосвештениот Митрополит Корчански г. Јован, со канонски гласови едногласно го избраа наследникот на блаженоупокоениот Архиепископ г. Анастасиј.

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Корчански г. Јован беше прогласен за Архиепископ на Тирана, Драч и на цела Албанија и Поглавар на Православната Автокефална Црква на Албанија.

Потоа, во соборниот храм „Воскресение Христово“ беше отслужена служба на која Светиот Синод јавно ја објави одлуката за изборот, потпишана од сите негови членови. Мноштво верници, кои го исполнија и внатрешниот простор на храмот и дворното место, во атмосфера на радост и славословие кон Бога, извикаа „Достоен!“ за новиот поглавар на Црквата на Албанија. Новиот Архиепископ г.г. Јован потоа го прочита Великиот проглас и го потпиша на Светата Трпеза, потврдувајќи ја официјално својата согласност за високата служба.

Новоизбраниот Архиепископ г. Јован беше близок соработник на Блаженоупокоениот Архиепископ Анастасиј цели 32 години, од кои 27 години како Митрополит на Корча. Се истакна со својата пастирска дејност и со својот придонес во обнова на Црквата, во развојот на богословското образование и во унапредување на хуманитарните активности на Црквата. Заврши високи теолошки студии во Соединетите Американски Држави и се врати во Албанија за да му помогне на Архиепископот Анастасиј во возобновувањето на распаднатата Албанска Црква. Од 1993 година служеше како професор на Теолошката Академија во Драч, преведувач на бројни теолошки текстови и автор на првиот учебник по Догматика на албански јазик. Го основа списанието „Tempulli“ (Храм), ја претставуваше Црквата на меѓуправославни и меѓухристијански средби и беше одликуван со значајни признанија за својот придонес во културата, образованието и меѓурелигискиот дијалог.

Биографија на новиот Албански Архиепископ

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Јован, по световно име Фатмир (Евтихиј) Пелуши, е роден во Тирана на 2 јануари 1956 година. Неговото семејство припаѓало на Бекташиската заедница. Во младоста (1979 година), за време на немилосрдните верски прогони, тајно бил крстен од херојскиот свештеник о. Косма Кирио, подоцна Епископ на Аполонија, и се вклучил во малобројната тајна група на тогашната „подземна“ Црква. Студирал психологија на Универзитетот во Тирана и во периодот од 1979 до 1990 година работел во одделението за рехабилитација на пациенти преку работна терапија во Психијатриската болница во Тирана. Неговиот татко уште од 1944 година бил прогласен за непријател на режимот што ги гонел сите верски заедници, а и тој самиот често бил во опасност да биде уапсен.

Во 1990 година заминал во Италија, а оттаму во Бостон, САД, каде што, со стипендија од албанската заедница, студирал богословие на Православната Теолошка Школа на Светиот Крст и во 1993 година се стекнал со степен Магистер по Теолошки Студии со одличен успех. Во 1992 година, кога Албанците масовно ја напуштале земјата, тој ја соопштил на Архиепископот Анастасиј својата одлука да се врати за да помогне во обновата на Албанската Црква, што Архиепископот го поздравил со радост и во септември истата година го назначил за професор на Теолошката Академија на Православната Автокефална Црква на Албанија.

На 27 февруари 1994 година бил ракоположен за ѓакон, а на 4 декември истата година за презвитер. Во 1995 година, со благослов на Архиепископот Анастасиј, продолжил со постдипломски теолошки студии повторно на Школата на Светиот Крст во Бостон, каде што се истакнал со високи академски резултати (1995–1996), по што неговото име било запишано во Националниот Декански Регистар на САД, меѓу најдобрите студенти на сите високообразовни институции во САД. Во 1996 година добил титула архимандрит, а во 1997 година магистер по теологија со највисоки оценки.

Од 1996 до 1998 година бил декан на Теолошката академија, по што бил ракоположен за Епископ и избран за Митрополит на Корча на 20 јуни 1998 година, продолжувајќи ја својата наставна работа.

Совршено ги познава англискиот, францускиот, италијанскиот и грчкиот јазик, а е запознаен со латинскиот и хебрејскиот, што му овозможило да преведе значајни теолошки дела и текстови од Светите Отци на албански, како што е големото догматско дело на Св. Василиј Велики „За Светиот Дух“. Тој е автор на првиот учебник по Догматика на албански, што е официјално издание на Православната Црква, има преведено многу книги и објавено статии во стручни списанија и весници во Албанија и во странство.

Во 2000 година го основал и сè уште го уредува списанието „Храм“ („Tempulli“), едно од најсериозните научни списанија, со статии од познати интелектуалци, истражувачи и албанолози од Албанија и од странство. Претседател е на неговиот уреднички одбор и паралелно објавува научни трудови за културата, археологијата, филозофијата, теологијата, историјата, уметничката критика и проблемите на преведувањето.

Ја претставувал Православната Црква на Албанија на многубројни меѓуправославни и меѓухристијански средби како говорник и како член на комисии за составување документи, декларации и пораки. Десет години учествувал во подготвителните комисии за документите на Светиот и велик собор на Крит и во изработката на неговите финални текстови (2016). Член бил и на значајни работни групи на Светскиот Совет на Цркви и на заедничката работна група со Римокатоличката Црква, која ја составила пресудната декларација за соработка меѓу двете Цркви.

Бил говорник на многу национални и меѓународни конференции, држел предавања на универзитети, богословски факултети, семинари и на меѓухристијански и меѓурелигиски конференции.

Во Корча активно придонесува за општествената, образовната и културната преродба на градот, негувајќи дух на мирна коегзистенција меѓу верските заедници. Често држи предавања на Универзитетот во Корча и во други реномирани училишта во регионот, поттикнувајќи ја младината на патриотизам и активен придонес во развојот на албанското општество. По негова иницијатива, веќе 27 години секојдневно функционира народна кујна за најсиромашните жители.

За неговата долготрајна и разновидна дејност е одликуван со многу признанија. На 23 јули 2003 година бил прогласен за „Почесен Граѓанин на Областа Корча“ за исклучителен придонес во негување на верската толеранција и разбирање, како научник, издавач и преведувач на теолошки книги на албански, поддржувач на еманципацијата и зближувањето на граѓаните. На 18 август 2008 година бил прогласен за „Почесен граѓанин“ од Советот на градот за неговата работа во обнова на верата и бројните хуманитарни и општествени дела. На 23 јули 2018 година, Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча му додели титула „Почесен доктор“.

На 29 мај 2019 година, Општината Тирана му додели „Сертификат на благодарност“ како личност од национално и меѓународно значење, пример за промовирање на мир, хармонија и верска коегзистенција.

Од 1998 година, богобојазливо раководи со историската и особено значајна Света Митрополија на Корча, во која се вклучени и областите Поградец, Девол и Колоња.

Извор: https://orthodoxalbania.org/2020/el/2025/03/16/ο-σεβασμιώτατος-μητροπολίτης-κορυτσ/