Митрополитот Лариски Јероним богослужеше како обичен свештеник во с. Анагениси

Митрополитот Лариски и Тирнавски Јероним, од Црквата на Грција, лично ја покри испразнетата парохија во селото Анагениси, отслужувајќи Божествена Литургија како обичен свештеник, со цел да го надомести недостигот од парохиски свештеник – известува грчкиот црковен портал „Вима ортодоксиас“.

Митрополитот Јероним во неделата, на 19 јули 2026 година, отпатувал во селото Анагениси кај Лариса и лично ја отслужил Божествената литургија, испраќајќи порака дека ниту едно село и ниту една мала заедница не смеат да се чувствуваат напуштени од Црквата. Наместо само формално архијерејско присуство, владиката пред светиот престол и ја извршил целата литургиска служба како парохиски свештеник.

Селото останало без парохиски свештеник по упокојувањето на архимандритот Јаков, кој долги години им служел на жителите. Оттогаш, потребите на парохијата се покриваат привремено, без постојан свештеник кој секојдневно би бил со верниците.

Исполнет храм со верници и млади

Присуството на митрополитот предизвикало голема радост кај локалното население. На богослужбата присуствувале бројни жители, меѓу кои имало и многу млади луѓе и деца.

Настанот добива особено значење во време кога многу села во грчката внатрешност се соочуваат со истовремено намалување на населението и недостиг од свештенство. За повозрасните жители, парохискиот свештеник не е само оној што ги извршува Светите Тајни, туку и човекот што ги посетува во нивните домови, ги утешува и им помага во тешките моменти.

Во својата беседа, митрополитот Јероним зборувал за светите отци на Четвртиот вселенски собор, за значењето на догмите на Црквата и за потребата православната вера да биде жив и составен дел од секојдневниот живот на христијаните.

По завршувањето на Литургијата, црковниот одбор приредил послужување во дворот на храмот, каде што митрополитот разговарал со жителите, ги сослушал нивните грижи и се запознал со проблемите на парохијата.

Во некои села Литургија се служи само еднаш месечно

Случајот со селото Анагениси не е изолиран. Недостигот од парохиски свештеници се зголемува во многу делови на Грција, особено во планинските, оддалечените и демографски ослабени села.

Жители од села во областите Трикала, Лариса, Кавала, Солун и Епир опишуваат тешка состојба. Во многу заедници Божествената литургија се служи само еднаш или двапати месечно, а еден свештеник истовремено опслужува повеќе парохии, патувајќи на големи растојанија.

Жителите велат дека има недели и големи празници кога црковните камбани остануваат неми. Во случаи на погреби, извршување на Светите Тајни или причестување на стари и болни лица, честопати е тешко да се најде слободен свештеник.

Проблемот не е само богослужбен. Парохијата претставува центар на општествениот живот, особено во малите населени места кои постепено ги губат училиштата, јавните служби и младите жители. Отсуството на постојан парохиски свештеник дополнително го ослабува секојдневниот живот на заедницата.

Потребни се долгорочни решенија

Црковни претставници предупредуваат дека е неопходно итно и долгорочно решение. Меѓу предложените мерки се пополнување на испразнетите свештенички места, подобрување на платите за младите свештеници и создавање поттик за служење во оддалечените области.

Според нив, проблемот не може да се решава само преку пожртвуваноста на постојните свештеници, кои во многу случаи се грижат за четири, пет или уште повеќе села. Потребна е соработка меѓу Црквата и државата за реално да се согледаат и задоволат потребите на малите парохии.

Иницијативата на митрополитот Јероним претставува пример за конкретна пастирска грижа; со тоа што лично заминал во селото и ја презел службата, тој покажал дека епископот е близок и до најмалата парохија – се вели во заклучокот на известувањето на „Вима ортодоксиас“.

Извор: https://www.vimaorthodoxias.gr/egrapsan-s-emas/efimeriaka-kena-sta-choria-o-mitropolitis-larisis-ieronymos-leitoyrgise-os-aplos-iereas-stin-anagennisi/