Митрополитот Ловчански Гавриил, за Радио Бугарија: Светите првоврховни апостоли Петар и Павле ги поставуваат основите на Црквата

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Ловчански г. Гавриил, од Бугарската православна црква, по повод празникот на светите првоврховни апостоли Петар и Павле, даде интервју за Радио Бугарија, во кое говореше за значењето на овие апостоли. Во продолжение пренесуваме извадоци од ова интервју на Митрополитот Гавриил, којшто беше еден од тројцата кандидати во потесниот избор за Патријарх на Бугарската црква.

Светите апостоли Петар и Павле се толку поврзани што во ист ден умреле како маченици за верата. А заветуваната еднаквост меѓу нив се пренесува како наследство и во односите меѓу помесните цркви и, соодветно, меѓу патријарсите, архијереите и епископите.

„Секој епископ, без разлика дали е епископ, архиепископ, митрополит или патријарх, има еднаква благодат. Благодатните дарови на архијереите се еднакви. Тие се разликуваат според служењето, но во Символот на верата се вели: ’Верувам во една, света, соборна и апостолска Црква…’ Односно, Црквата е соборна. Господ рекол: ’Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и јас, меѓу нив.’ Глава на Православната црква, камен-темелник на нашата Црква е Господ Исус Христос. Ние немаме земска глава на сите цркви. Автокефалните цркви се еднакви (рамни) меѓу себе. Според старешинството се разликуваат, но според власта се еднакви, а највисокиот управен орган во Црквата е Соборот на сите православни цркви. Тој може да донесува одлуки кои треба да ги извршуваат сите Православни цркви. Инаку секоја црква одлучува за своите прашања и никој не може да ја преземе власта на одредена црква на нејзината канонска територија“.

Токму во оваа смисла, недозволиво е, од канонска гледна точка, да се зборува за влијание од страна на една или друга помесна Црква.

Според зборовите на митрополитот Гавриил, само „во католичката црква папата има поголема власт од сите други архијереи и дури таму, кога има собор на католичката црква, тој е човекот кој може да коригира некои нешта“, додека во Православието, кога е свикан собор во името Господово, Господ ќе биде Тој што ќе вдахнови какви одлуки да донесе тој собор. Ете, тоа е главата на Црквата и на овој начин Тој управува со Својата благодат и со Својата земна Црква“, нагласува Ловчанскиот митрополит.

„И во древноста имало ереси и расколи, иако луѓето тогаш биле порелигиозни од нас – додава дедо Гавриил. – И покрај сѐ, треба да ги паметиме Господовите зборови, дека Тој ја создава Црквата и портите на адот нема да ја надвладеат. Св. Јован Златоуст објаснува кои се тие „порти на адот“: тоа се прогоните против црквата, ересите, расколите и гревовите на нас, христијаните. Но, ова зло нема да ја победи Црквата, макар што ѝ нанесува штета“, истакнува митрополитот Гавриил.

Извор: https://bnr.bg/radiobulgaria/post/102013101/svetite-parvovarhovni-apostoli-petar-i-pavel-polagat-osnovite-na-carkvata