Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Запорожски Лука од канонската Украинска Православна Црква, остро ја осуди постапката на украинските власти во однос на светите мошти во Киево-Печерската лавра, нарекувајќи ги неодамнешните дејствија на државните музејски службеници „сатанизам“ и „демонско потсмевање со светињите“.
Во изјавата за ситуацијата, каде што музејски работници беа фотографирани како надвор изнесуваат и несоодветно ракуваат со кивоти со мошти на светители, а потоа ги натрупуваат во складиште под скалите, митрополит Лука ги обвини властите за лицемерие, истакнувајќи дека „болшевиците барем искрено велеа: ‘ние сме безбожници’ и отворено војуваа против Црквата, додека сегашните се покриваат со зборови за ‘вера во Бога,’ се претставуваат како верници, но во суштина постапуваат полошо од нивните идеолошки учители, зашто се лицемерни и се обидуваат да го легализираат осквернувањето.“
Митрополитот директно ги оспорува тврдењата на властите дека тие „создаваат нешто ново за доброто на државата,“ изјавувајќи: „Може ли хулата да има творечка сила? Не! Сè што се гради врз газење на светињи, неминовно пропаѓа.“
Особено ја критикува квалификацијата на нивната работа како „спој на духовност, култура и иновации,“ нагласувајќи: „Таму каде што се осквернуваат моштите на Божјите светии, светлината Христова се покрива со туѓа, демонска, таканаречена духовност.“
Митрополит Лука, исто така, се осврнува на извештаите дека властите подготвуваат документи за УНЕСКО, со кои ќе се регистрира првата служба на поглаварот на ПЦУ (Православната Црква на Украина, чија автокефалност доделена од Цариградската Патријаршија останува непризнаена ширум православниот свет), во Пештерите кај моштите, како „нематеријално културно наследство.“ Тој предупредува: „Додека во земните архиви ќе бидат нарекувани ‘созидатели,’ во Небесните книги тие се веќе запишани како хулители и предавници Христови.“
Митрополитот заклучува со потсетување дека „Бог не е исмеан“ и дека сегашните настани претставуваат искушение за верата на чедата на Црквата, повикувајќи ги „поцврсто да Го исповедаме Христа, како што нашите отци правеа во времињата на гонењата.“
Во продолжение следи целата изјава на митрополит Лука.
Христос помеѓу нас, мои возљубени!
„Иновации“ на пеколот во срцето на Лаврата
Современите неверници ова го нарекуваат „творба,“ „иновации“ и „духовност,“ но во стварност се врши хулење со моштите на преподобните Киево-Печерски светии Божји. Болшевиците барем искрено изјавуваа: „ние сме безбожници“ и отворено војуваа против Црквата. Ги уриваа храмовите и се однесуваа со презир кон светињите, не криејќи ја својата омраза кон Христос. А сегашните злочинци се покриваат со зборови за „вера во Бога,“ се претставуваат како верници, но во суштина постапуваат полошо од нивните идеолошки учители, зашто се лицемерни и се обидуваат да го легализираат осквернувањето.
Во најновото интервју директорот на заводот за заштита вели дека тие „создаваат нешто ново за доброто на државата.“ Но може ли хулата да има творечка сила? Не! Сè што се гради врз газење на светињи, неминовно пропаѓа. Не може да се изгради храм на нов живот врз коските на светците — ќе се добие само варосан гроб, завиен во зборови за „развој,“ кој изгледа убаво однадвор, но внатре е полн со секаква нечистотија (сп. Мт. 23, 27).
Таа зборува за „спој на духовност, култура и иновации“ во Лаврата. Каде е духовноста тука? Вистинската духовност е само од Бога. Но таму каде што се осквернуваат моштите на Божјите светии, светлината Христова се покрива со туѓа, демонска т.н. духовност, која уништува сè и сечие. А „иновации?“ Ова не е култура, туку чист сатанизам — хулно потсмевање со светињите, покриено со маска на модернизам.
Понатаму, директорката гордо зборува за „духовна поддршка од новите жители на Лаврата.“ Но каде се тие „поддржувачи“? Зошто не се кај моштите? Каде е молитвата, солзите на покајание, барем сенка од благоговение? Нивната „поддршка“ е немо согласување со гнасотија. Тоа не е духовна помош, туку соучесништво во темнина. Плодовите на таквата „духовност“ се отворен демонзам, облечен во расо, покриен со побожни зборови.
Сега подготвуваат документи за УНЕСКО за да ја регистрираат првата служба на Думенко во Пештерите покрај моштите како „нематеријално културно наследство“ — „уникатен настан“ во историјата на државата. Тие сакаат да го овековечат ова во земната историја. Но во Божјата историја тоа веќе е запишано поинаку — како „одвратноста на запустението“ и демонско осквернување на светињите. Во земните архиви ќе бидат нарекувани „градители,“ но во Небесните книги — хулители и предавници Христови.
Светоста не може да се укине, не може да се препише во документи, не може да се сокрие под скали или во складиште. Моштите на светите се жива благодат Божја. Господ рече: „Бог не е исмеан“ (Гал. 6, 7). Секој обид да се исмева Црквата, нејзините светии и светини, ќе се претвори во суд, пред сè врз оние што се осмелија да ја кренат раката врз светото.
Денешните настани се испит за нашата вера. За нас, чедата на Црквата — не за да се уплашиме, туку поцврсто да Го исповедаме Христа, како што тоа го правеа нашите отци во времињата на гонењата. А за оние што ги осквернуваат светињите — ова е веќе сведоштво против нив за денот на Божјиот Суд, кој никој нема да го избегне.
И ако ви изгледа дека светото е погазено, запомнете: Бог е долготрпелив, но не дозволува злото бесконечно. Судот ќе дојде. И тогаш ќе се покаже дека „градбата“ врз осквернувањето создава не храм, туку пагански олтар; „духовност“ без Христос не е светлина, туку темнина; „иновации“ против Бога не се напредок, туку вечна погибел. Тие што се обидуваат ова да го овековечат во земната историја, веќе се вечно впишани во Божјата историја како хулители и сатанисти.

