Митрополитот на Алепо изјави дека останува со своето паство додека бунтовниците го заземаат градот

Во пастирското послание издадено на 30 ноември 2024 година, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Ефрем од Алепо на Антиохиската православна црква, им се обрати на своите верници среде најновото ескалирање во 13-годишната сириска војна. 

Неговото Високопреосвештенство потврдува дека тој и другите кои останале во Алепо се на безбедно, и ги советува жителите да останат дома и да останат смирени. 

Тој вети дека ќе остане во Алепо за да го поддржи своето паство, ги поттикна да продолжат со молитвите и понуди молитви за оние кои го напуштиле градот, додека уверува дека црковните служби ќе продолжат колку што дозволуваат околностите. 

Алепо има најголемо христијанско население (од различни конфесии) во Сирија, иако процентот значително опадна откако започна војната во 2011 година. 

На 29 ноември, Хајат Тахрир ал-Шам (порано познат како Ал-Нусра фронт) и опозициски групи поддржани од Турција започнаа офанзива врз Алепо, влегувајќи во градот кој беше под контрола на Сириската држава. До 30 ноември, овие опозициски сили, зазеле поголем дел од градот, што претставува прва голема битка во Алепо откако владините сили го презедоа од бунтовниците во 2016 година. 

Целото обраќање на митрополит Ефрем во екот на борбите:

Наши возљубени чеда, мирот Господов нека биде со вас,

Прво, сакам да ве поздравам и да ви посакам добра вечер, со надеж дека нашиот свет ќе остане добар и дека сте во добро здравје. Ви благодарам на сите кои нè контактиравте за да се информирате за нас кои останавме во Алепо. Ви потврдуваме дека сме добро, благодарение на Бога. 

Во овие околности, возљубени, мудро е оние кои останаа во Алепо да избегнуваат да се движат надвор и да останат смирени и трпеливи, посветувајќи се на молитва кон Господ Бог да се смилува на светот и да донесе мир. За оние кои нè напуштија, се молиме Господ да ги води нивните чекори и да им помогне безбедно да ги стигнат своите одредишта. 

Ви потврдуваме, наши возљубени чеда во Алепо, дека остануваме тука со нашето паство во сите околности, од најтешките до најпријатните. Ова е нашата пастирска мисија и ќе останеме непоколебливи во неа. Ќе бидеме ваша поддршка кога е потребно, затоа не двоумете се да нè контактирате директно. 

Потврдуваме дека молитвите ќе продолжат во нашите цркви, во согласност со околностите и достапните услови. Во молитвата, возљубени, го оставаме бремето врз Бога и ја полагаме нашата надеж во Него. Затоа, ве поттикнувам да се молите непрестајно. Да истраеме, делејќи го Христовиот пат на крстот, додека не воскреснеме со Него во Неговото воскресение.

Извор:  https://www.facebook.com/share/p/14XuuvSynx/ преку: https://orthochristian.com/165115.html