Митрополитот на Чикаго отстранет од Светиот Синод на Цариградската Патријаршија

Вселенскиот Патријарх Вартоломеј го отстранил од Светиот Синод на Фанар Митрополитот на Чикаго г. Натанаил, со патријаршиска грамота, односно со официјално патријаршиско писмо, без да наведе какво било објаснување или причина, известува грчкиот црковен портал „Ромфеа“ повикувајќи се на информации од весникот „Етникос Кирикас“ од Фанар.

Патријаршиската грамота, која ексклузивно ја откри „Етникос Кирикас“, гласи:

„Преосвештени Митрополите на Чикаго, многу возљубен брате во Светиот Дух и сослужител на Нашата смерност, г. Натанаил, со благодат и мир од Бога упатена на Вашата Светост,

Со ова Наше Патријаршиско писмо Ве известуваме дека поради причини што ги има Нашата смерност, Ве ослободуваме од Вашите синодски должности, во кои ќе бидете заменет од друг архиереј на Мајката Црква.

За ова, ја призиваме Божјата благодат и Неговата безгранична милост.“

Се нагласува дека Патријархот му го испратил писмото за отстранување на Митрополитот Натанаил преку Архиепископот на Америка, г. Елпидофор, кој потоа му го предал, додека, како што дозна „Етникос Кирикас“, веста се дознала за време на именденот на Митрополитот Елпидофор во Архиепископскиот храм „Света Троица“, во Њујорк, во саботата на 2 ноември.

Како што забележуваат од редакцијата на „Етникос Кирикас“, ништо вакво не се случило од уште од 1959 година, кога Патријарх бил Атинагора, кој испратил грамоти до Синодските Митрополити за да ги отстрани ги од Синодот, та да може да избере Јаков за Архиепископ на Америка.

Телефонската и писмена порака до Митрополитот Натанаил останале без одговор сè до моментот на завршување на оваа објава.

Извор: https://www.ekirikas.com/apokleistiko-o-patriarchis-vartholomai/ преку: https://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/66095-o-oikoumenikos-patriarxis-apepempse-apo-ti-synodo-ton-sikagou-nathanail