Митрополитот на Китира во поддршка на разрешениот Митрополит Тихик

Поддршката за Неговото Високопреосвештенство Митрополит Тихик, разрешениот архиереј на Пафос од Кипарската Православна Црква, продолжува да расте по неодамнешната одлука на Светиот Синод на Цариградската Патријаршија да го ја потврди пресудата за негово разрешување од Пафоската митрополија на Кипарската Црква, за што известивме.

Неговото Високопреосвештенство Митрополит Серафим на Китира од Црквата на Грција упати писмо до архијерејот „осуден без пропишана канонска и правна постапка“, уверувајќи го во своите молитви и солидарност. Цитирајќи ја Премудроста Сирахова — „Стреми се кон вистината до смрт, и Господ Бог ќе се бори за тебе“ — тој пишува дека се молел „од срце“ за Митрополит Тихик „за време на неговата жалба во Константинопол“.

Грчкиот архијереј изразува жал што, иако Патријаршијата забележала „процедурални пропусти“ во кипарскиот судски процес, сепак „едногласно ја ратификувала синодската одлука“. „Штом случајот не бил разгледан законски и канонски,“ прашува тој, „како е можно да биде суден праведно и целосно?“

Потсетувајќи на неправедните судења на светителите како Атанасиј Велики, Јован Златоуст и Нектариј Егински, Митрополит Серафим го повикува својот брат да остане непоколеблив: „Стој цврсто, свети брате, како наковална на која се удира. Тоа е обележје на голем борец — да биде биен и да победи.“ Тој завршува со надеж дека „порано или подоцна, Небото ќе проговори“.

Целосното писмо на Митрополит на Китира г. Серафим, објавено на интернет страницата на неговата митрополија, следува во продолжение.


До
Неговото Високопреосвештенство Митрополит Пафоски,
г. Тихик,
осуден без пропишана канонска и правна постапка

„Стреми се кон вистината до смрт, и Господ Бог ќе се бори за тебе.“
(Премудрост Сирахова)

Ваше Високопреосвештенство, најпочитуван и возљубен брате,

Благословете!

Пред неколку дена, „искачувајќи се кон Ерусалим“ (односно, кон Константинопол), ми испративте порака барајќи молитва од мојата недостојност. Од срце се помолив, се молев и продолжувам да се молам за Вашето Високопреосвештенство во времето на вашето искушение.

На петок, 17 октомври 2025 година, во денот на вашето појавување пред Патријаршискиот Свети Синод за разгледување на вашата жалба, отслуживме Божествена Литургија во манастирот на Светите Безсребреници на Китира, заедно со двајца игумени поклоници (еден со своето тричлено братство), за успех на вашиот случај и разрешување на вашата тешкотија. Се надевавме и очекувавме дека Вселенскиот Патријарх со Светиот Синод, откако внимателно ќе го разгледа вашиот случај и, како што рече синодското соопштение, „констатирајќи процедурни пропусти во судењето во Светиот Синод на Кипарската Црква во однос на Уставот на Црквата“, ќе го врати предметот во автокефалната Кипарска Црква за ново разгледување со строго почитување на канонскиот поредок и предвидените процедури. Зашто, според сигурни информации, не станува збор за мали или незначителни пропусти, туку за непочитување на процедурниот поредок утврден со Уставот.

Длабоко нè ожалости тоа што, иако „беа забележани пропусти во однос на Уставот“, сепак „членовите на Светиот и Свет Синод, судејќи по суштина, едногласно ја ратификуваа одлуката на Кипарската Црква“.

Оттука произлегува прашањето: штом случајот не бил разгледан законски и канонски, и штом неговите аспекти не се целосно осветлени, како може да биде пресуден праведно и целосно „по суштина“? И може ли таква одлука да придонесе за мирот на Божјиот народ и единството на Христоименуваната полнота на Црквата?

Високопреосвештен брате,

Во нашата 20-вековна црковна историја имало неправедни судења. На пример:

– Неправедното осудување на нашиот Спасител Господ Исус Христос.

– Неправедните судења и прогонства на Св. Атанасиј Велики (пет пати, вкупно 16 години).

– Неправедното судење и прогонство на Св. Јован Златоуст.

– Осудата и 30-годишното прогонство без судење на Св. Нектариј Пентаполски.

– Осудата и разрешувањето на трите митрополити на Кипар под Архиепископ Макариј.

– Осудата без судење на дванаесет митрополити на Грчката Црква во 1974, девет дена пред турската инвазија на Кипар.

Ваше Високопреосвештенство,

Останувајќи непоколебливи „во Светата и Непорочна Вера на православните христијани“, во преданието на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква и во светите канони — и потврдувајќи го исповеданието дадено на нашата архијерејска хиротонија — ги спомнувам зборовите: „Чекај го Господа; биди храбар, и нека се укрепи срцето твое, и чекај го Господа“ (Пророк Давид).

Се молам од срце Светиот Дух да ги просветли „умот, душата и срцето“ на архијереите на Кипарската Црква, та да донесат „човекољубива одлука“. Но, ако Бог допушти искушение како тие погоре, бидете уверени дека „порано или подоцна, Небото ќе проговори“ — како што велеше современиот светител Калиник, Митрополит Едески (август 1984), односно Господ ќе Ве оправда.

„Стој цврсто, свети брате, како наковална на која се удира. Тоа е знак на голем борец — да биде биен и да победи“ (Св. Игнатиј Богоносец до Св. Поликарп Смирнски).

Ваш брат во Христа,
Серафим, Митрополит Китирски и Антикитирски

Извор: https://www.imkythiron.gr/index.php/eidiseis/teleftaia-nea/6491-epistoli-tou-sev-poimenarxou-mas-pros-ton-panierotaton-mitropolitin-pafou-k-tyxikon-21-10-2025