Митрополитот на Сер: Европа Му врти грб на Христа

Во машкиот манастир „Света Параскева“ во Сер, каде што од минатата среда, 24 јули 2024 година, беше изложена за поклонение и заедничка прослава со празнувањето на споменот на Света Параскева – Петка (според новиот календар), почитуваната и чудотворна древна икона на Пресвета Богородица „Ксенија“, од истоимениот женски манастир во Алмирос Магнезија, во Митрополија Димитриада, во неделата, 28 јули 2024 година, богослужеше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Сер и Нигрита г. Теологос.

Неговото Високопреосвештенство, инспириран од прочитаното евангелско зачало за исцелувањето од Господ Исус Христос на демонизираните Гергесинци, упати зборови на укрепување кон побожните верници на Црквата, забележувајќи го, помеѓу останатото, и следното:

„Навистина, изненадува и болно е неблагодарното однесување на Гергесинците од денешното евангелско зачало. Отпаѓањето од Божјата волја на жителите на тој регион му даваше право на човекомразецот – ѓаволот, да влезе во нивните животи. Гревот и особено непокајанието отвораат ‘порти’ во човечкото постоење, та злобниот ѓавол може да влезе ‘како лав што рика’, според апостолот Петар, уништувајќи сè што е добро и благородно.

Меѓутоа, нашиот Господ Христос ни даде силен штит, сигурност во нашите животи, та да не се плашиме во моментите на искушение од мрачните дела на злобниот. Оние кои Го сакаат Спасителот Христос – ја имаат и Неговата заштита, но оние кои Го напуштаат, со неверие, со отпаѓање, живеејќи живот предаден на страсти и погрешки, живот што не испушта небесен мирис и не е украсен со големата добродетел на покајанието – тие создаваат ‘пукнатини’ и поводи во своите животи, преку кои ѓаволот може да влезе, и да ги направи нив свои играчки, кои тој, потоа, со големо задоволство ги уништува.

Господ на славата, гледајќи го ова страшен призор, трагедијата на демонизираните луѓе од евангелското зачало, го направи она што е за Него најсвојствено – како воплотена Љубов, сељубов, ги ослободи тие несреќни луѓе од непремостивото ропство на ѓаволот и ги врати во општеството и при нивните семејства, здрави и ослободени од тиранијата на ѓаволот.

Се очекува, значи, дека оние на кои им е направено тоа благодејствие, и нивните блиски, ќе побрзаат да ја изразат, на секој можен начин, својата благодарност кон ослободителот Христос. Тие, меѓутоа, што направија? Го замолија големиот добротвор Господ да си оди од тој крај. Зошто? Бидејќи самото Негово присуство беше осуда за нивните многубројни страсти. Истото тоа, за жал, на толку провокативен начин го прави и денешниот таканаречен христијански свет на Западот“.

Во своето обраќање, Неговото Високопреосвештенство се осврна и на жалниот настан од пред два дена за време на отворањето на овогодинешните Олимписки игри во Франција, забележувајќи меѓу другото и следното:

„Гледаме, за жал, дека веќе неколку децении во таканаречената христијанска Европа се создаваат услови што промовираат модел на живот без Бога, без вредности, без правила и принципи, без почит, без мерка, без мирис на живот, без убавина.

Денес систематски се промовира начин на живот каде што самозаљубениот и острастен човек станува самовредност, идол, лоша копија на самиот себеси. Неразузданоста се нарекува слобода, а непочитувањето – право на изразување. Од мрачната бездна на човечките страсти денес се појавува свет каде што доминира падот на етиката, суровиот интерес, материјализмот, прекршувањето на божествените закони, па дури и законите на природата, деликвенцијата, неморалот, нихилизмот, порамнувањето на сите вредности, недостатокот на основна почит. Сето ова создава и зацврстува во современата реалност длабока пропаст која дава распад и смрт. Она што се случи пред два дена за време на отворањето на Олимписките игри во Париз, во тоа сценарио, беше длабоко провокативно, без почит, со лош вкус, навредливо за верата на милиони луѓе ширум светот, за естетиката, но и за самиот дух на Олимписките игри.

Се прашувам, дали тие ‘уметници’ и земјата-организатор би се осмелиле да се однесуваат на таков неприфатлив начин кон еврејската или муслиманската, или некоја друга религија? За жал, Европа, веќе неколку децении, демонстративно и со голема неблагодарност, Му врти грб на Христа. Еве ги современите ‘Гергесинци’.

Денес, меѓутоа, светот има толку голема потреба, пред сè од целосни и урамнотежени примери, кои се осветлени од светлината на Христа, кои се вдахновени од квалитет и етос на почитување, со чиста душа и збор, со желба за искрено покајание, сочувство и взаемно разбирање. Такви здрави примери му се потребни на човештвото, особено денес. Од највозвишените принципи на љубов кон Бога и љубов кон човештвото“.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/mitropolitiko_ergo/ι-μ-σερρών-και-νιγρίτης/o-mitropolitis-serron-gia-tin-teleti-enarksis-ton-olympiakon-agonon-prosvlitiko-dromeno-gia-tin-pisti-ekatommyrion-anthropon/