На теолошката конференција која се одржа во Пирејската митрополија, со наслов „Теолошките димензии на Украинското прашање и нејзината геополитичка заднина“, митрополитот Пирејски Серафим во своето излагање детално се осврна на канонските прекршувања при востанувањето (враќањето во црковен чин) на водачите на украинските расколнички структури. Владиката ги нарече неважечки одлуките за рехабилитација на Филарет Денисенко и Макариј Малетич заедно со нивниот клир.
„Вселенската патријаршија ги востанови во канонскиот поредок сите овие расколнички црковни групи со нивните водачи, чиј канонски статус го призна и Црквата на Грција, без гласање по ова прашање“ − забележа митрополитот Серафим, критикувајќи ја процедурата за донесување на одлуката.
Владиката детално зборуваше за канонската историја на клучните фигури на ПЦУ (Православната Црква на Украина): Филарет Денисенко беше расчинет во 1992 г. поради непослушност, а потоа анатемисан за предизвикување раскол и други антиканонски дејства. Владиката прочита писма од Цариградскиот патријарх до Руската православна црква во 1992 и 1997 г., за согласување со расчинувањето и анатемисувањето на Филарет. Во врска со Макариј Малетич, Митрополитот Пирејски нагласи, дека тој раководел со самопрогласена структура од сомнително потекло. Владиката посвети посебно внимание на отсуството на покајание кај лицата што биле востановени. Тој нагласи дека, според светоотечката традиција, покајанието е задолжителен предуслов за враќање во црковната заедница. „Вклучувањето во единството и заедницата на Црквата претпоставува задолжително длабоко доживување и искрено изразување на покајание од страна на некој дел или на целата заедница“ − рече Владиката. Митрополитот Пирејски особено забележа дека „предусловот за изразување покајание не може да го надмине, ниту да го укине никакво институционално лице или институционален црковен орган. Не постои икономија што би можела да го поништи или укине покајанието“. Владиката спомна и за сомнителните личности во кругот на украинските расколници, вклучувајќи го и „православниот епископ Викентиј Чекалин, кој на суд бил осуден за педофилија, а казната ја издржал во Австралија“.
Митрополитот Серафим потсети дека самиот Цариградски патријарх Вартоломеј, во писмо од 1992 г. ја признавал легалноста на расчинувањето на Филарет од страна на Московската патријаршија и повикал да не се стапува во црковно заедничарење со него. Во писмо од 1997 г. за анатемисувањето на Филарет, патријархот напишал: „Го примивме известувањето за анатемисувањето, за ова ја известуваме јерархијата на престолот и повикуваме да не се стапува во никакво црковно заедничарење со него“.
Владиката ја истакна канонската проблематика на самата процедура за востановување. Како што рече, според црковното право, одлуките на патријаршиските синоди може да ги ревидира само Вселенски собор, а не друг патријаршиски синод. „По одлуките на Московската патријаршија, канонско право да ги разгледува случаите на монахот Филарет Денисенко и на другите, има само Вселенски собор“ − заклучи митрополитот.
Затоа, според Пирејскиот митрополит, „одлуките за востановување на расчинетите, анатемисаните и неракоположените две схизматички структури на Украина се целосно неважечки“. Ова пак, го прави неважечко самото доделување автокефалност на ПЦУ, бидејќи беше доделена на „непостоечка канонска Црква“.
Митрополитот Серафим повика на преиспитување на украинското прашање на сеправославно ниво, нагласувајќи ја неопходноста од зачувување на канонските норми и светоотечкото предание при решавање на толку сериозни црковни прашања.
Целото излагање на Митрополитот Серафим може да се погледне на следната видео снимка.