Митрополитот Шио е новиот Грузиски Патријарх

Грузиската Православна Црква денес, 11 мај 2026 година, го избра својот нов поглавар.

Според информациите, за нов Католикос-Патријарх на Грузија, со 22 гласа, е избран Митрополитот на Сенаки и Чхоротску г. Шио (Симон), за време на Црковно-народното собрание што се одржа во величествениот Соборен храм „Света Троица“ во Тбилиси.

Изборниот процес се одвиваше со примерен ред, во присуство на 1.200 делегати, меѓу кои архијереи, свештеници, монаси, како и мирјански претставници од сите области на земјата.

Официјалниот резултат од гласањето го објави претседателот на комисијата за пребројување на гласовите, Митрополитот Манглиски и Тетрицкаројски г. Ананиј, потврдувајќи го изборот на г. Шио за поглавар на Грузиската Црква.

Треба да се напомене дека пред почетокот на ова клучно гласање, избирачкото тело и мноштвото верници му оддадоа почит на долгогодишниот духовен водач на земјата. Поточно, беше отслужен помен за покој на душата на блаженоупокоениот Грузиски Католикос-патријарх Илија II.

Куса биографија

Световното име на Патријархот Шио (Симон) е Елизбар Муџири. Роден е на 1 февруари 1969 година во Тбилиси, тогашен главен град на Грузиската ССР, каде што и пораснал. Студирал виолончело на Државниот конзерваториум во Тбилиси, од кој дипломирал во 1991 година. Богословското образование го стекнал во Богословијата во Батуми, Грузија, а потоа во Русија, на Московската духовна академија и на Православниот универзитет „Свети Тихон“, каде што во 2013 година магистрирал теологија, а во 2015 година докторирал.

Замонашен бил во манастирот „Св. Шио Мгвимски“ на 5 јануари 1993 година. За ѓакон бил ракоположен на 19 август 1995 година, а за свештеник на 6 мај 1996 година. Како ѓакон и свештеник служел во истиот манастир, а потоа бил старешина на храмот „Свети Георгиј“ во Клдисубани и потоа на храмот „Свети Николај“ во Нарикала (и двата во Тбилиси), во периодот од 1997 до 2001 година. Истата година заминал во Москва, каде што бил поставен за старешина на Грузискиот храм „Свети Георгиј“.

На 18 август 2003 година бил избран за прв епископ на новоформираната Епархија на Сенаки и Чхоротску. За епископ бил ракоположен на 7 септември истата година.

На 30 април 2009 година бил назначен за местобљустител на Австралиската епархија. На 20 септември истата година бил унапреден во чин архиепископ, а на 2 август 2010 година во чин митрополит. Тој е член на синодските комисии на Грузиската Православна Црква и претседател на Синодската комисија за канонизации.

На 23 ноември 2017 година, на празникот на Свети Георгиј, бил назначен за патријаршиски егзарх на Патријаршискиот трон на Грузиската Православна Црква од страна на Католикос-Патријархот на Грузија Илија II, со задача да му помага во неговите должности и, во иднина, по неговата смрт, да ја преземе должноста на местобљустител на тронот.

#მოამბე სპეციალური გამოშვება #LIVE#მოამბე სპეციალური გამოშვება #LIVE

Извор: https://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/76584-neos-patriarxis-georgias-o-mitropolitis-senaki-sio и https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/patriarxio_georgias/o-mitropolitis-sio-ekselegi-neos-patriarxis-georgias/